Албин Курти / Фото EPA-EFE/ARBEN LLAPASHTICA

Курти најавува обединување на српските институции во Косово во еден систем

Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, ѝ порача на српската заедница дека тие заслужуваат „еднаков пристап до заедничките добра“ и дека двојниот систем на образование и здравствена заштита не е одржлив, пренесува РСЕ.

„Нивното инкорпорирање и обединување се неопходни. Не сакам да го правам тоа против вас или без вас. За време на нашиот следен мандат, заедно со сите вас, вклучувајќи ги и идните градоначалници, ќе работиме на интегрирање на здравството и образованието во еден единствен систем“, рече Курти во видео порака испратена до медиумите.

Курти рече дека во рамките на овој процес ќе ги обедини „искуствата и силите со нашите меѓународни партнери: Европската Унија и нејзиниот специјален претставник за дијалог, земјите од Квинте и КФОР“.

„Нашата држава уставно ги гарантира правата и слободите на сите вас и сака најдобра можна соработка за нивно спроведување“, рече тој.

Сите здравствени установи во српските заедници во Косово работат во рамките на српскиот систем, а покрај образовните институции, локалното српско население и официјален Белград често ги опишуваат како клучни за опстанокот на српската заедница.

Српската листа, најголемата српска партија во Косово која има поддршка од Белград, реагираше, истакнувајќи дека „заканите за некаков вид интеграција на здравството и образованието во косовскиот систем не се дел од никакви преговори или договори“.

Како што наведуваат во соопштението, здравството и образованието се „столбови на опстанокот на српскиот народ и ќе останат такви“.

„Сите меѓународни договори јасно наведуваат дека ова се посебни системи и за тоа ќе се бори Српската листа, со поддршка на српскиот народ. Сепак, ова е јасна закана за која очекуваме уште посилна реакција од меѓународната заедница“, се наведува во соопштението.

Минатата недела, косовските власти ја суспендираа работата на Фондот за здравствено осигурување во Северна Митровица во северно Косово, наведувајќи го недостатокот на валидна документација за работа на институцијата. Во исто време, беше суспендирана и работата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот