Горан Трајкоковски, градоначалник на Општина Делчево

Кривична пријава против градоначалникот на Делчево, вработил службеник кој исполнувал услови за пензија

Надворешната канцеларија за криминалистички работи во Делчево поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство против градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски, поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување.

Според пријавата, на 1 август 2018 година, по јавен оглас за вработување административен службеник, пријавениот како овластено службено лице донел незаконска одлука за избор на кандидат кој во моментот ги исполнувал условите за пензионирање и не можел да биде вработен согласно Законот за административни службеници.

– Пријавениот Г.Т. како овластено службено лице градоначалник на Општина Делчево на 01.08.2018 по јавен оглас од 25.06.2018 за вработување на административен службеник, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување со пречекорување на границите на службената должност донел незаконска одлука за избор на кандидатот В.М. од Делчево, кој уште во првата фаза од постапката за вработување, како и во моментот на донесување на решението за стекнување на статус на административен службеник ги исполнувал законските услови да се стекне со право на пензиско и инвалидско осигурување со навршени 64 години старост, што претставува основа за престанок на работен однос на административен службеник, а не основа за вработување согласно член 98 став 1 алинеа 3, а во врска со член 98 став 5 алинеја 9 и 10 од Законот за административни службеници – соопштија од МВР.

Со ова, на кандидатот В.М. од Делчево му било овозможено да се стекне со противправна имотна корист од 505.561 денари на име плата, додека на Општина Делчево ѝ била нанесена штета во износ од 762.318 денари по основ на исплатени плати и придонеси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот