
Криминал: Колку е опасно во Германија?
Дрога, ножеви, насилство на улиците. Медиумите редовно известуваат за криминалот во Германија. Дали е зголемена стапката? И каде е Германија во меѓународна споредба?
„Новата Германија“ е срам, фарса, вели Курт Каз. Во видео снимка јужноафриканско-германскиот блогер го претставува четвртот околу железничката станица во Франкфурт како новата германска нормалност. „Целосно во рацете на криминалот, нелегални мигранти и дрога“, вели тој.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Зависници од дрога лежат на тротоари, осомничен дилер му се заканува, жена фрла по него со шише – повеќе од шест милиони прегледи на Јутуб проследени со ксенофобични коментари и повеќе од десет милиони прегледи на ТикТок. Слични видео снимки за криминалот во Германија има во изобилство. Се чини дека допираат во срж. Но, дали ја отсликуваат реалноста?
Поголема е опасноста во градовите отколку во селата
Просторот околу железничката станица во Франкфурт веќе долго време е обележан од проституција, вели криминологот Сузане Карштет во видео интервју за ДВ. „Тоа доведе до насилство и криминал поврзани со дрога“, додава таа. Има изолирани области со многу високи стапки на криминал и како и во многу други земји, криминалот е повисок во градовите отколку во руралните области. Полицијата во Бремен, Берлин и Франкфурт бележи особено голем број на кривични дела, меѓу другото и затоа што таму социјалната нееднаквост е поголема отколку во руралните области.
Но генерално Германија може да се смета за „многу безбедна земја“, вели Карштет.
„Како и во други западноевропски земји, криминалот од 1980-тите и 1990-тите години е намален“, посочува таа.
Една причина за тоа е технолошкиот напредок, па денес е потешко да се украде автомобил отколку порано, вели Карштет. Но, како стои Германија на меѓународно ниво?
Најдобро е да се фрли поглед врз бројот на убиства, вели Карштет, која потекнува од Хамбург и предава и истражува на австралискиот универзитет Грифит. „Некои од моите колеги ја нарекуваат стапката на убиства златен стандард за меѓународна споредба. Има серија на податоци што датираат многу одамна, на пример од ОН. Освен тоа е добар индикатор за тешки насилни дела“, вели таа.
Германија со 0,91 намерни убиства на 100 илјади жители во 2024 година е на 147-мо место во светот. Земји како Јужна Африка и Еквадор имаат стапки од повеќе од 40 убиства на 100 илјади жители. САД на пример бележат стапка од 5,76.
До пред 20 години со 2,5 убиства на 100 илјади жители, во Германија имаше значително повеќе убиства и убиства од небрежност отколку денес. Но, и покрај долгорочниот пад, Германија од неодамна доживува зголемување на бројот на некои кривични дела – особено насилни.
Карстед посочува дека се работи претежно за млади мажи. Затоа и миграцијата исто така игра улога. „Во многу западноевропски земји, имаше зголемување на бројот на млади мажи кои често доаѓаа без семејствата и живеат во овие земји без социјална контрола. Многу од нив се длабоко трауматизирани од искуства со војната“, посочува Карштет.
Таквиот предизвик мора да се реши, вели таа и додава дека со успешна интеграција стапките на криминал се намалуваат. Фактори како невработеноста и недостатокот на перспективи, а не специфичната земја на потекло, придонесуваат за криминал.
„Ако општо го погледнеме односот помеѓу миграција и криминал, ќе откриеме дека мигрантите извршуваат кривични дела поретко од домашното население“, потенцира таа.
Многу нешта остануваат скриени
Студија на институтот Ифо укажува на тоа дека покрај полот и возраста, местото на живеење игра особено важна улога. Криминологот Џина Роза Волингер од полициската академија во Келн,објаснува дека мигрантите поверојатно се доселуваат во градовите отколку во руралните средини.
„А, во урбаните средини има многу повеќе криминал. Значи, не е самата миграцијата како фактор што го објаснува криминалот“, вели Роза.
Тоа се гледа и по студии кои не се базираат на полициски податоци, туку на анкети.
„Тоа е добро истражено во областа на малолетничка деликвенција и јасно покажува дека причините за насилство се потполно исти кај германските и не-германските млади. Но, факторите на ризик се повисоки кај млади мигранти“, вели Роза.
Такви фактори се нивото на образование, искуство со насилство на пример во родителскиот дом, или прифаќање на т.н. машки норми што легитимираат насилство.
Податоците за криминалот во Германија првенствено ги собира Сојузната полиција. Таа на годишно ниво објавува полициска статистика за криминал, односно само случаите што биле пријавени во полиција. Т.н. темна цифра останува неистражена, што може да биде проблематично ако одредени кривични дела се пријавуваат поретко од други, или кога одредени групи, што се сметаат за странци, ги пријавуваат почесто од другите. Со тоа на пример може да биде потценето семејното насилство во земјата.
Насилство често се заканува во блиското опкружување
На пример, кога станува збор за сексуално насилство. „Нема многу насилство од непознати луѓе“, вели Карштет. „Често се случува во блиски релации, на пример од чичко, очув, наставник или тренер. Имаше инциденти како за нова година 2015 во Келн, каде што непознати евидентно напаѓаа луѓе, но тоа е многу ретко“, вели таа.
Карштет пред 25 години се исселила од Германија, прво живеела во Англија, а сега во Австралија.Како се чувствува кога денес го посетува својот роден град Хамбург? Таа вели дека од секогаш се чувствувала безбедно таму. „Дури и во метрото. Сè на сè, Германија е безбедна и пријателска земја“, вели таа и додава дека навистина е безбедна, но можеби не баш толку пријателска како Австралија.
Извор: Дојче веле/ Автори: Петер Хиле и Кира Шахт