Ристо Крмзов / Фото: скриншот

„Кралот на текстилот“ Крмзов осомничен за епски економски криминал

Со „два камиони докази“ Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го сомничи струмичкиот „крал на текстилот“ Ристо Крмзов и 15 фирми поврзани со него или со негови блиски, дека злосторнички се здружиле за од 2019 до 2024 година да вршат даночна измама и да перат пари. Тој доби 30 дневен притвор. Покрај 23 физички лица и 15 фирми, сомничени се и 8 инспектори во Управата за јавни приходи кои според ОЈО ГОКК овозможиле фирмите поврзани со Крмзов да добиваат пари за поврат на ДДВ од државата, иако документите што ги прифаќале за веродостојни биле лажни. Штетата кон државниот буџет е над 90 милиони евра. Обвинителството на брифинг појасни дека сомнежот е оти поврзаните 15 фирми изготвувале лажна документација со цел да извлечат пари од државниот буџет.

-Користа е остварена на 3 начини. Првиот е склучување фиктивни договори за продажба на деловни простории. Две-три деловни простории се продавале по неколку пати меѓу фирмите, со 4-5 договори во ист ден. Се поднесувала даночна пријава и се остварувал поврат на ДДВ, рече обвинителката што работи на случајот. 

Така, еден метар квадратен од деловните простории се продавале меѓу поврзаните фирми по надуени цени од 4 илјади евра за метар квадратен, па до 20 илјади евра за метар квадратен, нереално и тоа само на хартија, без парите да легнат од една на друга банкарска сметка, односно фирмите немале должничко-доверителски односи меѓу себе. Фирмата „купувач“ наплаќала ДДВ од државата, а првата не плаќала данок зашто воопшто немало трансакција во реалноста. Деловните простории биле лоцирани во Струмица. Другите два начини на кои е остварена користа се преку прикажување уништување на машини, со кусок на залиха на роба и со даночни гаранти.

Во предметот осомничени се и сметководители од две фирми што го воделе сметководството на 15-те правни лица, на кои како времена мерка им е забрането да поднесуваат даночни пријави. Инспекторите во УЈП пак осомничени за несовесно работење во службата, на свое име имаат запишано и за која сума треба да одговараат зашто за таа сума овозможиле даночна корист за друг. ОЈО ГОКК на брифингот информираше дека во предистрагата дошле и до докази оти неколку фирми се оттуѓени на фиктивни државјани, наводно од Косово, ама кога Обвинителството побарало информации од косовските власти за нив, им било одговорено дека тие луѓе не постојат.

-На нивно име се поднесувани даночни пријави, рекоа од ОЈО ГОКК на брифингот. 

Наредбата за истрага е на 160 страници, а пописот на одземени документи е на 2.000 страници, што го прави овој предмет сложен и еден од пообемните за економски криминал. Дали нешто од парите ќе успее да се врати во државната каса, останува мистерија, ама Обвинителството побарало да се замрзне дел од имотот во сопственост на фирмите. Но, пред нив има ред за чекање за наплата, зашто и банки се нацртале да наплатат хипотека.

Во емисијата „Код“, Крмзов изјави дека неговите проблеми започнале на самиот крај на минатата 2023 година, кога Управата за јавни приходи започнала да спроведува контроли во негови компании. Меѓутоа, контролите постојано се одложувале и инспекторите не доаѓале во контрола, со цел, според него, државата да има изговор да не ги префрлува парите. Инаку, тогаш директорка на УЈП беше Сања Лукаревска, актуелна пратеничка на СДСМ.

„Работам 31 година, овој бизнис го работам од 1993 година. Ова го прават од повеќе причини. Едноставно им сметам и во транспорт и во градежништво и во се. Цела таа акција започна за време на СДСМ, се е на локално ниво. Одредени локални моќници кои мислат дека државата е нивна и можат да прават што сакаат, оркестрираат лажни и инфилтрирани податоци до министри, премиери, служби, за јас да бидам криминалец. Океј, има институции, ќе се провери дали е така или не“, рече тој во емисијата „Код“ на Телма.

 

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски присутен на брифингот, појасни дека јавноста и медиумите треба да им остават на обвинителите да ги одредуваат мерките за обезбедување на осомничените, без да се прави притисок.

-Од оформување на овој предмет претрпевме критики во однос на мерките за обезбедување и сакам да разјаснам, дека мерката притвор погрешно се толкува. Критиките беа дека „има два камиони со докази за човекот а тој е на слобода“. Не може да се одреди притвор во предистражна постапка, тоа е едно. Второ, притворот е најстрога мерка за обезбедување присуство, а не казна. Во 2024 година притвор е предложен само за 3,1 проценти од осомничените сторители. Голем е обемот на докази сега кога влегуваме во истражна постапка. Ветувам дека во сите постапки, нема толерантност во поглед на позадината и поврзаноста со структури на субјектите. Во Јавното обвинителство нема селективна правда, рече Коцевски. 

Сомнежите во конкретниот случај со 23-те физички и 15 правни лица се за привидни правни зделки, но тоа не значи дека фирмите воопшто не работеле, напротив, дел од нив имале вистински деловни активности и бизнис. Кога повратите на ДДВ се враќале во фирмите, тие се мешале со други средства, па од нив се плаќале плати, се купувало роба од Кина и Турција, се давале позајмици итн, објаснија од ОЈО ГОКК.

МВР до Обвинителството поднесе кривична пријава против Ристо Крмзов и уште две лица од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злосторничко здружување“, „перење пари и други приноси од казниво дело“ и „даночна измама“. Кривична пријава полицијата поднесе и  против Г.Т.(48), Д.М.(60), П.К.(67), В.К.(26), K.С.(41), К.М.(40), Н.Ф.(43), М.К.(48), М.М.(68), Е.Т.(61) и З.М.(59), сите од Струмица, за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ и „даночна измама“, против С.П.(58), С.М.(58), Л.К.(52), Л.Б.(37), С.Т.(66), М.П.(60), Ј.Т.(44), А.К.(35) и Ј.Г.(66), сите од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против 15 правни лица од Струмица за „перење пари и други приноси од казниво дело“ и „даночна измама“.

Имено, пријавените Р.К., З.К. и В.П. во текот на 2019 година организирале злосторничко здружување кон кое се приклучиле Г.Т., Д.М., П.К., В.К., K.С., К.М., Н.Ф. – управители на пријавените правни лица, С.П., С.М., Л.К., Л.Б., С.Т., М.П., Ј.Т., Ј.Г. и А.К. – инспектори од УЈП и М.К., М.М., Е.Т., З.М. – овластени сметководители, кое имало за цел остварување на нелегален профит за себе, а на штета на државниот буџет.

Заради остварување на оваа цел, организаторите на злосторничкото здружение од 2019 до 2024 година ги користеле и ги имале на располагање правните лица во кои организаторите на здружението во дел од нив биле запишани како основачи и управители, а во дел не, но реално управувале со нив, давале инструкции за постапување, користејќи дел од членовите на здружението како фиктивно запишани основачи или управители, велат од МВР.

Во соопштението на МВР се додава дека организаторите на злосторничкото здружение, користејќи ги правните лица кои ги формирале, изготвувале и заверувале фактури со невистинита содржина, внесувале податоци за наводно извршен промет на добра и услуги, за кој пријавените знаеле дека не бил извршен и дека за истиот не биле вршени плаќања на банкарските сметки, сопственост на правните субјекти во што дополнително со свои дејствија им помогнале пријавените сметководители и даночни инспектори од УЈП.
Со наведените дејствија пријавените оствариле противправна имотна корист во вкупен износ од 94,3 милиони евра на штета на државниот буџет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот