
Крај на вековните традиции? Принцот Вилијам се подготвува да ги промени „правилата на играта“
Принцот Вилијам би можел да донесе значајни промени во британската монархија, вклучително и промени во некои од најстарите кралски традиции како што е крунисувањето, што би можело да изненади многумина, веруваат историчарите.
Препорачано
Познатиот историчар Гарет Расел истакнува дека принцот од Велс е „реформатор, а не радикал“ и дека јавноста би можела да ги види првите знаци на овој пристап при неговото идно крунисување, пренесуваат странските медиуми.
„Мислам дека Вилијам ќе пристапи кон предизвиците на крунисувањето на начин што луѓето не го очекуваат. Тој не е радикален, како што некои се надеваат или стравуваат, туку промислен реформатор“, рекол Расел во емисијата „Кралскиот ритам – Назад во времето“.
Според Расел, стилот на владеење на Вилијам најмногу го обликувала неговата баба, кралицата Елизабета Втора, која, како што вели тој, „во суштина го научила“ и му всадила дух на модернизација и реформи.
Емисијата „Кралскиот ритам“, чиј водител е Лоренс Љувелин-Боуен, се осврнува на речиси илјада години британски крунисувања и нивното влијание врз монархијата. Историјата се сеќава и на кралеви по име Вилијам, кои веќе оставиле силен белег – од борбата за круната на Вилијам Освојувачот до политичките контроверзии околу церемонијата на Вилијам Четврти, кој имал едно од најскромните крунисувања во историјата.
Денешната традиционална церемонија, на која присуствуваа милиони луѓе на крунисувањето на Чарлс Трети во мај 2023 година, секогаш се одржува во Вестминстерската опатија. Иако прославите траат неколку дена, со улични забави и концерти, самото крунисување останува длабоко религиозен момент во животот на монархот.
Иако принцот Вилијам ја држи својата вера многу лична, Иан Лојд, автор на книгата „Тролот: 1000 години британски крунисувања“, верува дека нема да има големи промени во религиозниот дел од церемонијата.
„Многу зависи од тоа кога ќе се одржи крунисувањето. Ако е наскоро, можеби ќе биде многу слично на крунисувањето на Чарлс, но ако е за околу дваесет години, можеби ќе биде сосема различно“, проценил Лојд.
Џун Вулертон, уредничка на порталот „Ројал централ“, истакнува дека Вилијам наследува шема на крунисувања слична на средновековните, кога прославите траеле со денови.
„Чарлс мудро ги вклучил повеќедневните прослави на кои сме навикнати за време на владеењето на Елизабета Втора во неговото крунисување, исто како што правеле средновековните владетели“, заклучила Вулертон.