Црна Гора граница
Црна Гора граница/ Фото: МИА

Косово започна прелиминарна истрага за инцидентите со пукање на границата со Црна Гора

Портпаролот на косовска влада во заминување, Перпарим Криезиу изјави дека властите започнале прелиминарна истрага за да ги идентификуваат можните сторители на инцидентите со пукање на границата со Црна Гора, за што црногорските власти испратија вербална нота до косовската амбасада во Подгорица, пишува РСЕ.

Црна Гора изјави дека постои сомневање дека пукањето дошло од територијата на Косово, во областа во близина на црногорскиот скијачки центар Хајла-Штедим, во близина на границата меѓу двете земји.

Првиот инцидент се случил во јули 2024 година, кога е забележано оштетување на кабината на скијачкиот центар, додека вториот инцидент се случил на 24 август оваа година, кога е забележано пукање во насока на објект на скијачкиот центар.

Црногорските власти отворија предмет и ги истражуваат овие случаи.

Криезиу рече дека државата Косово била информирана од црногорските власти за инцидентите преку дипломатски канали и дека косовската гранична полиција веднаш започнала патроли во областа на Штедим, но дека на таа локација не се пронајдени материјални докази што би ја потврдиле локацијата или околностите на инцидентот.

„Сепак, по наредба на Основното обвинителство во Пеќ, започната е прелиминарна истрага со цел да се идентификуваат можните сторители, потпирајќи се и на информации од локални извори“, рече Криезиу.

Тој додаде дека безбедносните институции, имено косовската полиција, изразиле подготвеност да организираат состанок со црногорските гранични власти, со цел интензивирање на соработката, размена на оперативни информации и спречување на негативни појави по граничната линија.

Само оваа година, двете земји спроведоа 30 заеднички патроли во граничните области.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот