
Корупциските канали ќе се „затнат“, камионите ќе минуваат побрзо – средба на Царинската управа со транспортерите
Чекањето на границите е најголемата болка на камионџиите, а најчесто се случува поради двојните контроли при влез и излез од државата, или кога ќе ги „фати“ смена на цариниците и полицајците. И пет минути да се скуси времето на чекање е премија за нас, се надева Билјана Муратовска, генерална секретарка на „Макам транс“
Интензивно ќе се работи на искоренување на корупцијата кај царинските службеници, а резултатите ќе бидат видливи за кусо време, најави новиот директор на Царинската управа, Бобан Николовски, по средбата со Билјана Муратовска, генерален секретар на асоцијацијата „Макам транс“ на граничниот премин „Табановце“.
Препорачано
– Колку и професионално да се однесуваат службениците, меѓу нив има и такви кои се склони на вакви дејствија. Наша заложба е да работиме напорно на искоренување на овие негативни дејствија и за кусо време ќе бидете убедени дека сме на вистинскиот пат во борбата против шверцот и корупцијата, не само кај цариниците, туку и кај сите оние кои се инволвирани во тој синџир – вети Николовски.
И директорот на Царината и генералната секретарка на „Макам транс“ се заложија за унапредување на мерките и политиките за забрзување на транспортот. Чекањето на границите е најголемата болка на камионџиите, а најчесто се случува поради двојните контроли при влез и излез од државата, или кога ќе ги „фати“ смена на цариниците и полицајците. И пет минути да се скуси времето на чекање е премија за нас, се надева Муратовска. Според последниот извештај на Светска банка, возачите на камиони непотребно губат 26 милиони часа (речиси 3.000 години) чекајќи на граничните премини на земјите од Западен Балкан, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Македонија, Косово и Албанија…
– Долгото чекање во колона и за македонските и за српските транспортери зависи од повеќе фактори. Многу е важно во кој временски период ќе се најдете на границата и ако тогаш има поголема фреквенција, тогаш времето на чекање е подолго. Тука се и двете полициски контроли, а може да има само една. Ние бараме кога возилата влегуваат кај нас да ги проверува македонската полиција, а кога излегуваат да ги проверува само српската и така ќе заштедиме најмалку десетина минути. Понекогаш ќе се затекнете на границата кога се менува смената на инспекторите, тоа се техникалии кои мора да се надминат. Инаку, да ви кажам, времето на чекање на нашата граница е премија во однос на она што ни се случува при влез во Хрватска или Унгарија. Таму стоиме и по 30 и 40 часа, некогаш и по три дена се чека, тоа се нестандардни мерки кои ни ги спроведуваат и ние постојано реагираме, но без успех – објасни Муратовска.
Новиот директор на ЦУ, вети и дека силно ќе се заложи за конкретно да профункционира во февруари потпишаниот протокол со Србија, кој предвидува македонските компании кои увезуваат или извезуваат во Србија и обратно, да ги мерат камионите со стока само еднаш. Истото се однесува и за стоките кои транзитираат низ двете држави. Имено, целиот увоз, извоз и транзит се одвива преку граничниот премин „Табановце“ на кој минатата година на влез се евидентирани речиси 140 илјади товарни моторни возила, а на излез 170 илјади камиони. Сите овие товарни возила на влез и на излез се мереле двапати, еднаш во Македонија и еднаш во Србија.
– Од февруари до денес 550 камиони ја искористиле само еднаш можноста за едно мерење и затоа сметам дека транспортерите треба да бидат поактивни и да се повикаат на тој договор – апелираше Николовски.
Иако е летна сезона, нема поголеми задржувања на границите
Директорот на Царина потврди дека поради летната сезона има огромна фреквенција на граничните премини и тоа не само во патничкиот, туку и во товарниот сообраќај.
– Бројката флуктуира, патничкиот сообраќај е на високо ниво, има огромна фреквенција поради летната сезона, но како што гледате, нема преголеми гужви. Мислам дека добро се справуваме. Ете и вчера, кога поради пожарот на грчката страна имавме застој на „Богородица“. Ние реагиравме максимално професионално и го пренасочувавме сообраќајот за да не се случи колапс. Ја следевме ситуацијата за да не се случи поради ветрот пожарот да се сврти кон нашата страна, но за среќа не дојде до тоа – рече Николовски.