Фото: Universal Pictures - Atlas Entertainment - Syncopy / Christophel Collection / Profimedia

Контроверзна секс сцена во „Oppenheimer“: „Ова е навреда за нашата религија, повикуваме на бојкот“

„Oppenheimer“, кое е најново филмско остварување на режисерот Кристофер Нолан, предизвика контроверзии меѓу хиндуистичката десница во Индија. Некои од нив повикаа на бојкот на филмот и отстранување на секс сцената, во која главниот лик изговара позната реплика од светите списи на таа религија, пишува „Си-ен-ен“.

Филмот ја следи животната приказна на физичарот Роберт Опенхајмер, кој е познат како „татко на атомската бомба“.

Во спорната секс сцена се актерот Килијан Марфи, кој го глуми Опенхајмер, и актерката Флоренс Пју, која ја глуми неговата љубовница Џин Татлок. Љубовницата застанува за време на сексуалниот однос, зема копија од светата книга Багавад гита и бара од Опенхајмер да ѝ чита од неа.

„Сега станав Смрт, уништувач на светови“, вели Опенхајмер, додека тие го продолжуваат односот.

Фото: LANDMARK MEDIA / Alamy / Alamy / Profimedia

Сцената предизвика бес кај некои десничарски групи, при што политичар од индиската хинду националистичка партија Баратија Џаната го нарече филмот „вознемирувачки напад врз хиндуизмот“ и го обвини дека е „дел од поголем заговор на антихиндуистичките сили“.

Индискиот комесар за информации Удај Махуркар изјави дека сцената била „директен напад врз верските убедувања на милијарди толерантни хиндуисти“, споредувајќи ја со „водење војна против хинду заедницата“.

„Веруваме дека ако ја отстраните оваа сцена и направите сè што е потребно за да ги освоите срцата на хиндуистите, тоа ќе биде начин да ги утврдите вашите ингеренции како чувствителни човечки суштества и да подарите пријателство на милијарди драги луѓе“, додаде Махуркар.

Филмот беше добро прифатен во поголемиот дел од Индија, која го изврши својот прв нуклеарен тест во 1974 година. Исто така, филмските критичари му дадоа одлични критики.

„Oppenheimer“ заработи повеќе од три милиони долари во првиот викенд на прикажување во Индија.

„Barbie“ руши рекорди: Заработи 155 милиони долари, двојно повеќе од 80-те милиони на „Oppenheimer“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот