
Конгрес во Казахстан: Религијата како промотор на мир и меѓусебна почит
На Конгресот во Астана гостуваше и поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов кој се обрати на панелот „Духовните вредности во ерата на дигитална реалност и вештачка интелигенција“, како и неговиот син, Иван Иванов, кој како претседател на Управниот одбор на Меѓународниот Центар Алијанса на Цивилизациите (ICAC) – Скопје, се обрати на Вториот форум за млади лидери во рамки на 8. Конгрес на лидерите на светските и традиционалните религии.
Со усвојување на „Астана мировна декларација – 2025“ во главниот град на Казахстан заврши дводневниот 8. Конгрес на лидери на светските и традиционалните религии на кој учествуваа над 100 учесници од 60 земји. Меѓу нив имаше духовни водачи на најголемите религии во светот – од христијанството, исламот, будизмот, јудаизмот, хиндуизмот, таоизмот и шинтоизмот, претставници на меѓународни организации, експерти, научници и јавни личности.
Препорачано
Заедничката порака од учесниците на Конгресот беше дека без дијалог нема иднина, а без вера нема мир, дека е неопходен отпор кон екстремизмот и обнова на човечките вредности и дека соработката треба да ги замени судирите, а надежта да ја замени омразата.
Конгресот го отвори претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, кој ја истакна важноста на религијата како промотор на мир и меѓусебна почит, нагласувајќи ја улогата на Казахстан како земја со долгогодишна традиција на етничка и религиска толеранција.
Според него, неопходна е заштита на светите места и на културното наследство како симболи на мир и единство.
– Денеска, повеќе од кога било потребен ни е конструктивен дијалог и постигнување договори, бидејќи нема алтернатива за мирно решавање на конфликтите. Нашето единство е во различноста, и таа толеранција е основа на стабилноста и мирот во Казахстан – рече Токаев и предупреди на растечкото влијание на екстремизмот и лажниот патриотизам кои ги збунуваат младите и ја загрозуваат стабилноста.
Притоа не пропушти да потсети дека од последниот Конгрес светот е сведок на многу негативни тенденции, а некои политичари и експерти тоа го нарекуваат „криза на цивилизациите“.
Со силна порака за мир, солидарност и меѓурелигиски дијалог преку видеолинк, од Ватикан, се огласи Папата Лав 14. Тој повика на „синергија за иднината“, не како празен слоган, туку како конкретно дејство за мир, соработка и грижа за најранливите. Исто така, Папата ја афирмираше вредноста на различностите и повика на заемно почитување и споделување на духовните дарови на секоја традиција, во служба на општото добро. Во своето обраќање тој ги повика сите верски лидери да бидат глас на надеж, правда и човечко достоинство.
Рускиот патријарх Кирил, пак, предупреди дека отфрлањето на религијата доведува до конфликти, тероризам и кршење на човековите права и ја поддржа идејата за поголемо учество на религиите во меѓународните организации, како што е ООН.
Шеикот Мохамед бин Абдулкарим Ал-Иса, генерален секретар на Муслиманската светска лига, говорејќи за растечкото насилство и недовербата, ги повика лидерите одговорноста да ја претворат во конкретни дела, а не во симболични гестови.
Видеообраќање на Конгресот имаше и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш. Неговата порака беше дека во нашиот разединет свет треба да се градат мостови, а верските лидери играат клучна улога во тоа.
На Конгресот во Астана гостуваше и поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов кој се обрати на панелот „Духовните вредности во ерата на дигитална реалност и вештачка интелигенција“, како и неговиот син, Иван Иванов, кој како претседател на Управниот одбор на Меѓународниот Центар Алијанса на Цивилизациите (ICAC) – Скопје, се обрати на Вториот форум за млади лидери во рамки на 8. Конгрес на лидерите на светските и традиционалните религии.
Ѓорге Иванов во обраќањето потсети на македонската традиција на вековна верска толеранција и заемно почитување и порача дека технологијата не треба да нè оддалечува од тоа кои сме, туку да ни помогне подобро да се откриеме себеси. Говорејќи за можностите и предизвиците за духовноста што ги носат новите технологии и вештачката интелигенција и предупреди дека „вистинската вера не може да биде создадена од машина, а вистинската поврзаност не се мери во лајкови, туку во љубов и присуство“. Според него, духовните водачи имаат клучна улога да ги насочат луѓето кон трајните духовни вредности во еден свет кој често нуди брзи, но празни одговори.
Иван Иванов, пак, говореше за иднината на мирот и хармонијата и нивната зависност од активното учество на младите како носители на нова енергија, идеи и визии. Тој уште забележа дека наместо на толеранција, треба да се фокусираме на меѓусебна почит, бидејќи само така можеме да изградиме општество засновано на вистинска еднаквост и заедништво.