
Концертот на класична музика „Пејзажот на Арко“ ќе се одржи во камерната сала на Филхармонија
Гудачкиот камерен оркестар „Арко“, под диригентската палка на Ерхан Шукри, на 23 септември, во 20 часот, во Камерна сала на Филхармонија, ќе одржи концерт кој публиката ќе ја поведе низ звучен пејзаж изграден од најубавите тонови на класичната музика. Со наслов „Пејзажот на Арко“ таа вечер ќе биде исполнета со емоција, боја и виртуозност.
Препорачано
Особена магија на вечерта ќе внесат трите грации на сцената – три извонредни уметници што со својата музика освојуваат срца: Сихана Бадивуку – виолина, Мерсиха Шукри – харфа и Жана Актурк (Турција) – мандолина. Нивниот настап ветува длабока музичка емоција, техничка прецизност и сценска харизма што инспирира.
Со музичкиот пејзаж ќе бидат опфатени композиции од Вивалди, Хачатуријан, Хумел, Корет, Буалдие, Петровиќ и други – со премиерна изведба на неколку дела што за првпат ќе бидат изведени пред македонската публика.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 299, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.9.2025)