
Концерти со висок уметнички квалитет носи осмото издание на „Скупи Камерфест“
Градот Скопје и оваа година станува епицентар на класичната музика со осмото издание на „Скупи Камерфест“, фестивал на камерна музика кој започнува на 9 септември.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Фестивалот ќе биде отворен со настап на „Duo Immersio Vienna“ од Австрија, составен од виолинистката Вира Жук и пијанистката Мариам Вардзелашвили, вечер поддржана од Амбасадата на Австрија во Скопје. Овој концерт го означува почетокот на серија настани каде што публиката ќе има можност да слушне познати имиња на камерната музика од различни европски земји.
Меѓу нив се издвојуваат италијанскиот кларинетист Рафаело Бертолини, виолончелистката Дорина Ларо и пијанистката Ина Петроллари Лачо од Албанија, како и шпанскиот пијанист Алфредо Озагез Монтеро. Првпат во Скопје, овие уметници ќе донесат премиерни дела, вклучувајќи и нови композиции што ќе бидат изведени од Дуо Бертолини.
„Скупи Камерфест“ е дел од Асоцијацијата на европски фестивали (European Festivals Association -EFA) и се вбројува меѓу најпознатите фестивали во регионот. Тој носи не само концерти со висок уметнички квалитет, туку и мастер-класи и семинари за студенти и млади, придонесувајќи во развојот на музичката култура и едукацијата на идните генерации.
Концертот за отворање ќе се одржи на 9 септември во Скопје, во малата сала на Националната филхармонија, со почеток во 19 часот, а влезот е бесплатен. Организаторите ги покануваат сите љубители на класичната музика да бидат дел од ова уметничко патување што ветува емоции, рефлексија и посебни човечки врски преку уметноста.