Фото: Принтскрин, Јутјуб

Комисијата за европски прашања ја презакажа седницата за дел од пакетот закони на МИОА, ВМРО-ДПМНЕ бара јавна расправа

Ова се важни закони за кои мора да има консензус и мора да се слушнат различни мислења и предлози. За таа цел, апелираме до власта да преовладее разумот и да ги прифати нашите барања и барањата на синдикатите бидејќи тоа е единствениот начин со кој ќе дојдеме до законски решенија кои нема да бидат штетни и ќе бидат во интерес на граѓаните, изјави пратеникот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

Седницата на собраниската Комисија за европски прашања, на чиј дневен ред се четирите од пакетот закони подготвени од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), е презакажана за во 14 часот. На дневен ред на оваа седница на Комисијата се Предлог на законот за административни службеници, Предлог на законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, Предлог на законот за вработените во јавниот сектор и Предлог на законот за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација, сите по скратена постапка.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција побараа итен прекин на оваа расправа и донесување на заклучок за одржување на јавна расправа во најбрз можен рок, на која, како што посочија, би биле присутни пратеници од опозицијата, претставници од синдикатите, професори, стручната фела и јавноста.

– Ова се важни закони за кои мора да има консензус и мора да се слушнат различни мислења и предлози. За таа цел, апелираме до власта да преовладее разумот и да ги прифати нашите барања и барањата на синдикатите бидејќи тоа е единствениот начин со кој ќе дојдеме до законски решенија кои нема да бидат штетни и ќе бидат во интерес на граѓаните. Во спротивно, доколку власта продолжи да ги игнорира овие барања, ќе сметаме дека на крајот од својот мандат, власта свесно сака да создаде дополнителен хаос и безредие во администрацијата и државната управа, како и да ја озакони својата намера за допартизација на и онака веќе партизираната администрација, истакна на прес-конференција пратеникот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

Според Стојаноски, овие закони власта и владејачко мнозинство сака да ги протне набрзина, без широка и јавна дебата и дискусија, притоа, како што потенцира, вршејќи груба злоупотреба на европско знаменце иако навистина нема никаква потреба за истото. Тој додаде дека преку отворени писма денеска реагираа и најголемите синдикати во државата, ССМ, УПОЗ и КСС.

– Токму затоа, Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, како најголема и најбројна пратеничка група во Собранието, јавно упатува поддршка на синдикатите и се приклучува на нивните барања за итно запирање на целата постапка на носење на овие важни закони, рече Стојаноски.

Од синдикатите апелираат да не се избрзува со предложениот закон за административни службеници и да не се гласа по брза постапка.

Ако предложениот закон за административни службеници помине по брза постапка со европско знаменце на собраниска седница, од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Синдикатот на работниците од управата,правосудните органи и здруженија на граѓани на Република Македонија (УПОЗ) изразуваат загриженост дека се нарушуваат работничките права и интереси, без почитување на стандардната процедура за донесување на закони со активно учество на заинтересираните страни, по пат на јавна расправа и социјален дијалог преку Економско социјалниот совет.

ССМ и УПОЗ апелираат: Предложениот закон за административни службеници да не се гласа по брза постапка

Техничкиот премиер Талат Џафери вчера на прес-конференција изјави дека не е човек кој работи под ултиматум, откако министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, најави дека доколку не се одблокира пакетот закони за МИОА, ќе даде оставка.

– Јас во принцип не работам така, не ми е својствено да прифаќам ултиматум. Секој има своја слобода како ќе цени дека треба да постапи нека постапува, а за последиците нека си мислат субјектите од каде што доаѓаат и од каде што добиле доминација без оглед кој од каде доаѓа. Тоа е ставот. Јас хипотетички нема да зборувам во смисла што ќе се случи и што ако би се случило. Оставам на конкретна состојба како и да се случуваат работите така и да се изнајдат решенијата за надминување на работите, рече Џафери.

Министерот Алиу повика да се одблокира пакетот закони на МИОА

Министерот од Алијанса за Албанците минатата недела на прес-конференција порача дека „не може да има систем ако тој зависи од волјата и условувањата на индивидуи“ и дека „македонскиот систем ќе се реформира или ќе пропадне“.

– МИОА изминатиот период работеше на цел пакет закони да се унапреди законската регулатива за реформа на јавната администрација, усогласени со стандардите на ЕУ. Иако се усвоени од Владата пред повеќе од еден месец, одложувањето на донесување од Собранието ја попречува неопходната реформа на јавна администрација која е главен услов на ЕУ. Нема повеќе време за губење, реформи сега и веднаш, рече Алиу.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот