Комерцијална банка ја однесе одлуката на Народна банка пред Уставен суд

Скопје, 18 август 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Хари Костов, главниот извршен директор на Комерцијална банка, и адвокатот Игор Спировски, поранешен судија во Уставниот суд, заедно со поголем број акционери на Комерцијална банка, меѓу кои се „Адора“, „Гранит“, „Промедика“, „Макпетрол“…, во петокот поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките, донесена од Советот на Народната банка.

Според испратеното соопштение, подносителите на иницијативата сметаат дека Советот на Народна банка немал законска основа за ваква одлука и дека таа не е во согласност со темелните вредности на Уставниот поредок од член 8 – владеење на правото, правна заштита на сопственоста, слобода на пазарот и претприемништвото.

„Врз основа на овие аргументи, подносителите на иницијативата предлагаат Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука, а потоа неа да ја поништи. Исто така, предлагаат Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејства преземени врз основа на оспорената Одлука до конечното одлучување по предметот“, информираат подносителите на иницијативата.

„Слободен печат“ консултираше експерти по уставно право и банкарски експерти во врска со тоа како тие гледаат на оваа иницијатива. Со оглед дека станува збор за иницијатива за која Уставниот суд допрва треба да одлучува, тие не сакаа јавно да зборуваат, но сепак, го споделија своето мислење.

Економистите укажуваат дека одложувањето на распределбата на дивидендата, не значи дека некој некому нешто одзема, односно дека тука не станува збор за повреда на уставно загарантираното право на сопственост. Тие потенцираат дека банка не може да се третира како обична фирма и да се повикува на слобода на пазар и претприемништво, затоа што во банките, во просек 20-ина проценти од парите се сопственички капитал, додека остатокот се пари на народот. Исто така, тие потенцираат дека банките се регулиран сектор, а главен регулатор е Народната банка која има и дискрециони права за банкарскиот систем во целина.

– Банкарскиот сектор е во добра кондиција, но поради актуелната состојба, фактот што сигурно се зголемува бројот на фирмите и на граѓаните што нема да може да си го платат кредитот, Народната банка само привремено ја запира распределбата на дивидендата, таа не им ги зема парите на акционерите. Го разбирам однесувањето на акционерите на Комерцијална банка, но тие како акционери треба добро да знаат дека вложуваат пари во банка, дека за неа важат посебни закони и дека тука регулатор е Народната банка – вели еден од нашите соговорници, економски експерт.

Но правен експерт, сепак, остава простор дека Уставниот суд има за што да расправа и дека веројатно ќе ја прифати иницијативата поднесена од Комерцијална банка и акционерите.

– Ќе има доста спорни прашања околу уставноста на одлуката на Народната банка од аспект на тоа дали постои таква можност според Законот за Народна банка и под кои услови може Народната банка да се определи за една таква одлука. Ќе има потреба сестрано да се анализира случајот и да се дојде до една законите и уставна одлука – вели правен експерт.

Тој потсетува дека Уставниот суд неодамна одлучуваше по инцијатива на оштетените штедачи на Евростандард банка за уставноста и законитоста на член 163 од Законот за банки, според кој при наплата од стечајна маса предност му се дава на Фондот за осигурување депозити.

Сепак, економските експерти сметаат дека уставните судии, за да донесат правилна одлука во однос на иницијативата на Комерцијална банка, треба во „мал прст“ да ги имаат и Законот за Народна банка и Законот за банки, односно една огромна материја, со која речиси и не се во допир. Тие потсетуваат и дека иницијативата за уставноста доаѓа од најголемата банка во Македонија која е со доминантен домашен капитал и дека со таква сопственичка структура таа е само една од трите банки во државата. Другите банки што се во сопственост на странски банки, потенцираат економистите, не реагираа затоа што знаат од искуствата во нивните земји каква релација треба да има меѓу банките и регулаторот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот