Кој ќе загуби на изборите да го снема од политичката сцена!

Ковачевски, Мицкоски, Ахмети, Таравари Фото Колаж/ Слободен печат

 Повикот на Бектеши може да се сфати само како предизборен маркетинг, бидејќи според статутите на повеќето партии, по изборите се одржуваат конгреси на кои лидерите или ја потврдуваат довербата и натаму да раководат со партијата или поднесуваат оставки ако претрпат изборен пораз.

Министерот за економија Крешник Бектеши, без да каже во кое својство, ги повика лидерите на партиите да потпишат договор со кој тие што ќе ги изгубат изборите, ќе се обврзат да ја напуштат политичката сцена. Бектеши, сепак, не се дрзна да одговори во име на својот лидер Али Ахмети – дали Ахмети ќе замине во политичка пензија ако ДУИ изгуби на претседателските или на парламентарните избори. Наместо тоа, министерот рече дека Ахмети досега не изгубил ниту едни избори.

Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, фрлената ракавица од Бектеши ја коментира во спортски дух – дека тоа е исто како да кажете кога фудбалски тим ќе изгуби натпревар сите тие фудбалери и тренери никогаш повеќе да не се занимаваат со фудбал. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Вреди го прифати предизвикот и порачаа дека Бектеши му спрема свилен гајтан на Ахмети, односно на нотар да потпишат изјави за оставки.

– Имаме целосна мобилизација и победата во ДУИ не се ни дискутира зашто тоа веќе се знае. Се дискутира само разликата која би била меѓу ДУИ и опозицијата. Во делот на претседателските избори, во првичните анкети нашиот кандидат има голема предност пред Таравари и е многу блиску да влезе во вториот круг со еден од кандидатите на другите партии – рече Бектеши.

Тој, откако го испофали Османи како најодговорен и најискусен, ги охрабри другите кандидати да излезат на дебата со нивниот претставник. Тој рече дека ДУИ сигурно победува и на парламентарните избори и предложи сите партии да потпишат договор според кој партијата што ќе изгуби ќе се повлече од политичката сцена. На прашање дали Ахмети ќе се повлече од политиката ако ДУИ изгуби на изборите Бектеши рече:

– Тоа е прашање за господинот Ахмети, но, еве, да направиме договор меѓу сите партии – тој што ќе изгуби на избори повеќе да не се занимава со политика. ДУИ ја фрла ракавицата, па другите нека повелат, вклучувајќи ја и ВМРО-ДПМНЕ која знае дека само со ДУИ не може да се мери ни на избори ни со идеи. Еве, нека повелат и јавно да потпишеме тој што ќе изгуби да не се занимава со политика. Но, ова нема да се случи, бидејќи овие таканаречени лидери на партии сите изгубиле на избори, само Ахмети никогаш не изгубил и нема да изгуби избори – рече Бектеши.

Ковачевски, изненаден од прашањето дали ќе се повлече од политиката ако СДСМ изгуби на изборите, рече дека не знае што точно кажал Бектеши и дека затоа не може да коментира.

– Прво, јас сум во СДСМ од 1994 година и оттогаш досега СДСМ победувал на изборите, но имал и помалку успешни резултати. Тоа се однесува на сите членови што од тоа време се во СДСМ. Тоа е исто како да кажете кога фудбалски тим ќе изгуби натпревар сите тие фудбалери и тренери никогаш повеќе да не се занимаваат со фудбал. Политичарите се занимаваат со политика, тие нудат свои решенија, граѓаните оценуваат што е во нивен интерес во даден момент, во одреден момент поддржуваат една политичка партија, во друг момент друга партија, на локално ниво поддржуваат една партија, на државно ниво друга партија – рече Ковачевски.

Повикот на Бектеши може да се сфати само како предизборен маркетинг, бидејќи според статутите на повеќето партии, по изборите се одржуваат конгреси на кои лидерите или ја потврдуваат довербата и натаму да раководат со партијата или поднесуваат оставки ако претрпат изборен пораз. Најсвежи примери се оставките на екслидерите на СДСМ и на Алијанса за Албанците, Зоран Заев и Зијадин Села, по катастрофалните порази на локалните избори. Има и примери кога по изборен пораз лидерите нудат, но конгресот не им ја прифаќа оставката.

Потпрестедателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски го прифати предизвикот на Бектеши.

-Одлично, прифаќаме. Тоа значи дека Крешник му спрема свилен гајтан на Ахмети. Можеби е кандидат за лидер на ДУИ имајќи предвид дека ДУИ ќе ги изгуби изборите и дека нема да биде во новата влада. Добро е да знаеме дека Бектеши има такви амбиции. Ако ништо друго претседателството на ДУИ ќе остане во Кичево бидејќи и тој е од Кичево – рече Николоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски лани пак, оставка најави за уставните измени врзани за францускиот предлог, односно дека ќе се повлече од политиката ако барем еден пратеник гласа за уставните измени.

Претседателскиот кандидат и лидер на Алијанса за Албанците Арбен Таравари за „Слободен печат“ вели дека се согласува со понудата на Бектеши. Од коалицијата „Вреди“, пак, му одговорија на Бектеши на нотар да потпишат дека се повлекуваат од политиката.

– Нема да дозволиме ни најмал простор за сеење магла. Ги повикуваме Али Ахмети, Артан Груби и Бујар Османи да изберат нотар и тајминг за да потпишеме изјави за тој што ќе ги изгуби изборите да се повлече од политиката засекогаш – рече Астрид Илјази од „Вреди“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот