Немо / Фото: Jessica Gow/TT / AFP / Profimedia

Кој е Немо, Швајцарецот кој победи на Евровизија?

Претставникот на Швајцарија, Немо, е годинешниот победник на Евровизија, со песната „The Code“.

„The Code“ е за патувањето кое започна со сознанието дека не сум ниту машко ниту женско. Да се ​​пронајдам себеси беше долг и често тежок процес за мене. Но, ништо не е подобро од слободата што дојде со сознанието дека сум небинарна личност – вели Немо.

Песната „The Code“, со која Немо ја претставуваше својата земја, го освои мнозинството од гласовите на стручното жири, што на крајот беше доволно за победа и покрај тоа што не беше најдобро рангиран според гласовите на публиката.

Имено, Швајцарија доби дури 365 поени од жирито од 37 европски земји, а потоа следуваат Франција со 218 и Хрватска која освои 210 поени.

Сепак, следеше читање на гласовите на публиката, кои беа речиси целосно различни од оние што претходно ги доделуваше стручното жири.

Иако публиката најмногу го поддржа претставникот на Хрватска, Бејби Лазања, кој доби 337 поени, 226-те поени кои ги доби од гласачите беа доволни за Швајцарецот да го подигне победничкиот пехар и да ја врати Евровизија во својата земја.

Со тоа Немо стана третиот претставник на Швајцарија во историјата на Евровизија кој победил на натпреварот.

Немо од Швајцарија е победник на Евровизија 2024 / Фото: Jessica Gow/TT / Shutterstock Editorial / Profimedia

Харизматичниот евровизиски победник е ѕвезда во подем во Швајцарија, а со мешањето на различни музички жанрови во своите песни привлекува големо внимание во јавноста.

Музички, Немо е многу добро поткован, а освен што има завидни вокални способности, како што можеа самите евровизиски гледачи да се уверат, свири и на виолина, пијано и на тапани.

Од 2015 година, тој има четири ЕП изданија и над 16 синглови. Снимил песни и на германски и на англиски јазик, а неговиот најголем хит пред настапот на Евровизија, песната „Du“, стигна до четвртото место на швајцарската листа на синглови во 2017 година.

Тој беше учесник во втората сезона на швајцарската верзија на музичкото шоу „The Masked Singer“, каде што го зазеде петтото место маскиран во панда.

Немо / Фото: Jessica Gow/TT / Shutterstock Editorial / Profimedia

Во ноември 2023 година, тој привлече големо внимание откако се идентификуваше како родово небинарна личност. Оттогаш, Немо инсистира на среден род на личните заменки.

Целосното име на овој млад пејач е Немо Метлер. Роден е на 3 август 1999 година во швајцарскиот град Биел/Бјен.

 

ВИДЕО | Грузија со песна на Дарко Димитров настапи во финалето на Евровизија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот