
Кога телото сигнализира: Знаци дека ви треба повеќе сон отколку што мислите
Многу е едноставно – кога сме уморни, мораме да спиеме. Сепак, другите знаци што телото ни ги испраќа дека му е потребен повеќе одмор може да бидат помалку очигледни. Освен чувството на замор или поспаност и појавата на темни подочници, можеме да забележиме и посуптилни сигнали како што се осип на кожата, болки во мускулите или промени во видот, пишува „Е-клиника“.
Препорачано
Сонот е од витално значење за животот, исто како и јадењето, пиењето и дишењето. Некои знаци на недостаток на сон може да нè натераат малку да забавиме и да си дозволиме повеќе одмор.
1. Темни подочници
Кожата околу очите е најтенка и најкревка на телото. Ако не спиеме доволно, клетките на кожата не се обновуваат ефикасно, што се забележува под очите. Оштетувањето се манифестира како темни подочници, кои се појавуваат кога крвта се задржува под очите поради слаба циркулација.
Ако кожата околу очите е опуштена или бледа, тоа може да биде последица на лош квалитет на сон, што ја ослабува бариерата на кожата и доведува до појава на брчки или фини линии околу очите, познати како „вранаски нозе“.
2. Замор и исцрпеност
Заморот на крајот на денот или поспаноста пред спиење не е исто што и сериозниот замор и исцрпеност. Ако чувствуваме слабост или недостаток на енергија и ни е тешко да го издржиме денот, телото ни сигнализира дека ни е неопходен редовен одмор.
3. Болки во мускулите
Ако чувствуваме необјасниви болки, можно е да ни недостасува сон. Телото ги обновува и гради ткивата додека спиеме. Недоволниот одмор може да предизвика воспаление, што е силно поврзано со болка, како и зголемена чувствителност на болка и ризик од хронична болка.
4. Проблеми со заспивањето
Често им велиме на децата дека се „преуморени“ кога не можат да заспијат. Тоа е реална појава и може да се случи поради претерана физичка активност или интензивен ментален напор. Стресот исто така може да биде причина. Тело кое е преголемо стимулирано тешко може да се опушти за да заспие, без оглед на заморот.
5. Намалена продуктивност преку денот
Ако забележуваме дека сме помалку продуктивни, тоа може да биде поради недостаток на сон. Работите ќе ни одат побавно, ќе правиме повеќе грешки и ќе имаме побавно време на реакција. Само еден до два часа помалку сон неколку ноќи по ред може сериозно да ја намали нашата функционалност.
6. Ниска мотивација
Недостатокот на сон влијае на мозочните процеси што проценуваат вредноста на вложениот напор. Кога сме ненаспани, можеме да чувствуваме дека дополнителниот труд не вреди, што води до намалена мотивација.
7. Промени во видот
Кога спиеме, очите и мозокот се обновуваат. Недостатокот на сон може да доведе до суви, црвени и иритирани очи, заматен вид, трзање на очните капаци и поголема чувствителност на светлина.
8. Лошо паметење
Мозокот треба да се одмори за да ги среди спомените од денот. Недоволниот сон може да предизвика „микросон“ – кратки епизоди на заспивање од неколку секунди, без да бидеме свесни. Тоа може да доведе до пропуштање важни информации на училиште или работа.
9. Зголемување на телесната тежина
Недоволниот сон го нарушува балансот на хормоните поврзани со гладта – грелин (кој ја зголемува гладта) и лептин (кој ја зголемува ситоста). Уморните луѓе почесто прават полоши избори на храна и може да јадат повеќе отколку што им е потребно.
10. Промени во расположението и раздразливост
Сонот и расположението се блиско поврзани. Недостатокот на сон нè прави пораздразливи и помалку способни да се справиме со секојдневниот стрес.
11. Поголема анксиозност и депресија
Хроничната несоница ја зголемува веројатноста за развој на анксиозност или депресија. Истовремено, анксиозноста и нарушувањата на расположението можат дополнително да ја влошат несоницата, создавајќи маѓепсан круг.
12. Намалена сексуална желба
Недостатокот на сон може да го намали нивото на тестостерон кај мажите и жените, што води до намалена желба за интимност. Одредени студии покажуваат дека жените кои спијат подолго имаат зголемена сексуална активност.
13. Зголемен пулс во мирување
Недостатокот на сон го зголемува нивото на хормонот кортизол, што може да доведе до забрзан пулс во мирување. Ова е особено важно за спортистите, но исто така и за луѓето со анксиозност.
14. Проблеми со кожата и осипи
Недостатокот на сон го нарушува обновувањето на кожата, што може да доведе до сува кожа, губење на колаген и еластин, па дури и до појава на акни.
15. Почести болести
Сонот е клучен за здрав имунолошки систем. Недостатокот на сон може да го намали производството на антитела и да нè направи поподложни на настинки и други инфекции. Со тек на време, зголемува ризик од посериозни здравствени проблеми како срцеви заболувања, висок крвен притисок, дебелина и мозочен удар.