
Книжевна вечер со Иван Џепароски во организација на „Спона“ ќе се одржи во „Буква“
Српскиот културно-информативен центар „Спона“ го продолжува циклусот книжевни средби и работилници „Паралели и синтези: Рецепцијата на современата македонска книжевност“, во којшто во фокусот се дела од современи македонски автори што изминативе години се објавени и во Република Србија во превод на српски јазик.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во кафе-книжарницата „Буква“ на 30 септември, со почеток во 19 часот, ќе се одржи книжевна вечер со истакнатиот поет, филозоф, критичар, антологичар и препејувач, Иван Џепароски. Средбата е посветена на српските изданија на неговите поетски книги „Светлината на Света Гора“ („Светлост Свете Горе“, „Београд: Граматик“, 2018) и „Град“ („Град“, Београд: 2023).
И двете поетски книги се во препев на еден од најголемите афирматори на современата македонска поезија во Србија во изминативе две децении, истакнатиот српски поет, раскажувач и книжевен преведувач, Рајко Лукач (1952-2024).
На настанот, беседа за поезијата на Џепароски ќе одржи директорката на Институтот за македонска литература, проф. д-р Наташа Аврамовска, којашто е исклучителен познавач на севкупното досегашно творештво на овој истакнат автор.
Со свои видувања ќе учествува и книжевникот и програмски директор на „Спона“ – Милутин Станчиќ, а модератор на книжевната вечер ќе биде Иван Антоновски. Во рамките на средбата ќе се оствари разговор со Џепароски во којшто со прашања ќе може да се вклучат и присутните.
Како што е нагласено во текстот на Наташа Аврамовска во Енциклопедијата на на македонската книжевност во издание на Институтот за македонска литература, Џепароски е „поет ерудит, кој во одделните поетски книги широко долж географските простори и длабоко низ времето на културната историја на човештвото ги распостила координатите на својот поетски свет…“
За лирскиот патопис „Светлината на Света Гора“, Џепароски ја доби и најпрестижната награда за поетска книга „Браќа Миладиновци“. Како што е подвлечено во Енциклопедијата, оваа книга, „речиси логично се надоврзува во поетските објави на Џепароски како резултат на неговиот петкратен престој и постојано одново враќање на Атоската Гора, сè дури во одот не се исцрта мапата на заокруженоста на патувањето – со посетата на сите дваесет светогорски манастири. Поетскиот аџилак на светогорските песни, во светлината на последната книга на поетот, ‘Град’, како да отвора нова димензија на патувањето. Овој пат не станува збор за патување долж разновидноста на хоризонталната уреденост на светот во откривањето на нови пространства и светови, туку за патување долж вертикалната оска на траењето на едно единствено место, на родниот град, врз чиишто вековни пластови поетот во завршната песна, евоцирајќи го епитафот на Пејчиновиќ, ја испишува и својата поетска автобиографија.“