
Книгата за папата Јован Павле Втори во која се тврди дека прикривал педофилски скандали предизвика бурни реакции
Владејачките полски националисти бараат Парламентот денеска да донесе резолуција со која ќе се одбрани угледот на починатиот папа Јован Павле Втори, по објавувањето на книгата во која се тврди дека прикривал педофилски скандали додека бил надбискуп во Краков.
Препорачано
Обвинувањата против првиот полски папа предизвикаа жестока дебата во една од најкатоличките држави во Европа.
Додека некои мислат дека наследството на Јован Павле Втори треба да се преиспита поради новите откритија, религиозните конзервативци ја гледаат книгата како левичарски заговор за оцрнување на личност која е во суштината на националниот идентитет.
Ова е ставот и на владејачката партија Право и правда, вклучувајќи го и премиерот Матеуш Моравјецки.
„Денес го бранам нашиот сакан Папа, бидејќи како и повеќето патриоти знам дека како народ му должиме многу. Можеби и сè“, рече Моравјецки во емотивното видео објавено денеска.
Во Полска, каде 85 отсто од населението се декларира како католици, Јован Павле Втори, кој беше прогласен за светец од папата Франциско во 2014 година, се смета за личност која многу придонела за падот на комунизмот во 1989 година.
Партијата Право и правда сака Парламентот да донесе резолуција за одбрана на честа на папата од 1978 година до неговата смрт во 2005 година. Гласањето треба да се одржи, а партијата има доволно мнозинство.
Претседателот на Полската бискупска конференција, надбискупот од Познан, Станислав Гадецки, исто така, ги повика „сите луѓе со добра волја да не дозволат да се уништи општото добро, а дел од тоа несомнено е и наследството на Јован Павле Втори“.
Ватикан сè уште не одговорил на барањето да ги коментира тврдењата во книгата „Maxima Culpa“, која оваа недела беше објавена на полски јазик.
Во неа, авторот Еке Овербек се навраќа на времето кога Карол Војтила беше надбискуп на Краков од 1964 до 1978 година. Неговиот извор биле архивите на тајната полска комунистичка служба и разговорите со жртвите и сведоците на педофилија.
Во книгата се наведувао дека Јован Павле Втори не само што знаел за сексуална злоупотреба на деца во неговата надбискупија, туку помогнал да се прикријат злосторствата со преместување на осомничените свештеници од една во друга парохија, вклучително и двајца кои на крајот беа обвинети и осудени на затворски казни.