Промоцијата ќе се одржи на 30 септември, во 19 часот, на ФДУ

Книгата со драми „Драмолетање“ во издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ ќе има промоција на ФДУ

Книгата „Драмолетање“ во издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ од Прилеп ќе биде промовирана на 30 септември, во 19 часот, во Факултетот за драмски уметности во Скопје. Четири драми избрани од првиот повик и пичинг форум што се организираше во рамките на 59-то издание на фестивалот, се застапени во ова важно издание за македонската драматургија.

Станува збор за драмските текстови „Голи души“ од Иван Додовски, „Ложа“ од Марио Стојаноски, „Хитлер е жив“ од Ева Камчевска и „Чудесен лек“ од Коста Бојчески. Секој од овие текстови претставува оригинален авторски глас и отвора сопствено сценско истражување – од интимни и егзистенцијални прашања, преку социјални и политички теми, до хумор и апсурд.

– Со оваа книга започнуваме да градиме архив и сведоштво за новата македонска драма – чекор кон нејзина поддршка, афирмација и присуство на сцената – истакнуваат од МТФ „Војдан Чернодрински“.

За драмите и за платформата „Драмолетање“ ќе зборуваат Ана Стојаноска, директор на МТФ „Војдан Чернодрински“, и Петар Антевски, продукциски координатор на фестивалот и приредувач на изданието. На промоцијата ќе присуствуваат авторите на драмите, а ќе бидат прочитани и извадоци од истите.

– Со оваа селекција не сакаме само да претставиме избор од новата македонска драматургија, туку и да создадеме архив и сведоштво за еден процес што започнува. А со оваа книга, за првпат публиката ќе има можност да ги прочита овие текстови што го отвораат патот за нови авторски гласови и современи сценски идеи. „Драмолетање“ за нас претставува значаен чекор во поддршката и афирмацијата на новата македонска драма. Со оваа иницијатива целиме да создадеме платформа што го поттикнува развојот на драмата и нејзиното присуство во театарската сфера – посочуваат од МТФ „Војдан Чернодрински“.

„Драмолетање“ е новата платформа на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, посветена на современата македонска драма. Создадена со цел да им даде простор на авторите, таа отвора можност нивните текстови да го најдат својот пат до сцената.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот