Промоцијата на книгата се одржа во ДПМ / Фотографија: Јован Јон Несторовски

Книгата со афоризми „Афористичка татковина“ на Ирена Павлова де Одорико е посветена на Живко Павлов

Книга со афоризми под наслов „Афористичка татковина“, дело на Ирена Павлова де Одорико: поетеса, компаративка, новинарка, писателка, дводомна авторка која живее во Италија и во Македонија, беше промовирана на 30 септември во Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ).

Промоцијата на „Афористичка татковина“ (издание на „Интеракција плус“, 2023), која авторката ја посветува на својот татко, неодамна починатиот водечки македонски афорист Живко Павлов, воедно беше омаж на овој бард на македонскиот хумор и сатира.

На промоцијата, покрај поетесата Де Одорико и претседателот на ДПМ Живко Грозданоски, пред присутните се обратија и сатиричарот Димитар Вилазорски, поетесата Силвана Димитриевска и поетот и новинар Вангел Божиновски. Модератор на настанот беше Татјана Алексиќ. Рецензии за книгата напишаа академик Катица Ќулавкова и проф. Венко Андоновски.

„Песните од оваа книга се напишани со целосна посветеност во чест и по углед на поетиката на хуморот и сатирата на Живко Павлов. Не постои само интертекстуалност, ни само интердискурзивност и интердисциплинарност, постои и нешто што би го нарекле интерпоетичност: вкрстување на поетиката на хуморот и поетиката на лириката“, стои во рецензијата на академик Катица Ќулавкова.

Фотографија: Јован Јон Несторовски

Музички настап во текот на промоцијата имаше Дејан Бобиќ, додека авторката на книгата во својот говор, меѓу другото, истакна: „Мојата ‘Афористичка татковина’ е пирејот во мене. Пирејот во секој Македонец. Мојот Жиле (Живко Павлов) ме научи како да преживеам и надживеам со помош на речта, на фината насмевка и иронија, но и да го земам остенот в рака и да го боднам менталитетот на стадото во секој од нас, за да стане освестен поединец, Човечец или Човечица. Оној бард не остави книга песни, но ги зби сите суштини на светот и вековите во илјадници афоризми. Беше како берберин на зборот, со најјакото сечило во умот, а со душа од тантела.“

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 301, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5.10.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот