
Книгата „Мрежата на Абвер на Балканот“ ќе биде промовирана во Куманово
Издавачот „Академска мисла“ и авторите проф. Иван Бабановски, проф. д-р Самуел Колономос Садикарио и Мартин Димковски Бабагинин на 15 мај, со почеток во 11 часот, во салата на „Занатски дом“ (старо кино „Напредок“) во Куманово ќе ја промовираат книгата „Мрежата на Абвер на Балканот“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Еден од авторите на книгата, Иван Бабановски, објаснува дека Абвер е воено-политичка тајна служба на Третиот Рајх, која била активна за време на Втората светска војна, но создала мрежа на агенти кои продолжиле да бидат активни со субверзивни дејности и по завршувањето на војната.
На околу 750 страници авторите на книгата со архивски податоци и фотографии детално ја анализираат мрежата што била создадена во служба на нацизмот на Балканот.
– Авторите, иако од различни сфери на професионално ангажирање, успешно ни понудија содржини од сферите на политиката – надворешни и внатрешни аспекти, на безбедноста, разузнавањето и контраразузнавањето следени од историски аспект, но со современи последици по безбедноста на државата РСМ.
На овој затемнет терен, авторите се движат многу сигурно, аргументирано и документирано, на читателот му пружаат многу пристапни одговори на сите обиди за дестабилизација на државата Македонија, од страна на оние сили кои пред 75 години беа навидум поразени преку победата над Третиот Рајх, но не и на наци-фашизмот, кој доведе до Втората светска војна во која загинаа над 60 милиони луѓе и двапати повеќе беа инвалидизирани ширум светот.
Според насловот, содржините се фокусирани на мрежата на военото разузнавање на Третиот Рајх, именувано како „Абвер (Abwehr)“. И тоа само како историски аспект. Авторите во еден успешен спој на содржините од воените денови со денешната шаховска табла на политичко-стратегиско распоредување на силите на Балканот, укажуваат на можности историјата да се повторува, и тоа во најцрните сегменти ако е заборавена.
Мрежата на Абвер била перфекционистички поставена, премрежувајќи го Балканот за потребите на господарите на војната, за многу децении и после војната – посочуваат рецензентите дипл. безб. Енвер Исени и проф. д-р Марјан Николовски.
Мотивите за пишување на книгата се истражување на минатото, бидејќи сѐ што ни се случува денес има корени во минатото, а денес ни се случува истото што се случувало и тогаш, но ние или сме го заборавиле или не сме го проучиле доволно за да го препознаеме, појаснува еден од авторите на книгата, Мартин Димковски Бабагинин.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 178, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.5.2023)