
Книгата „Иванов 1887/1889: две верзии“ од Чехов ќе има промоција во МНТ
Во фоајето на Македонскиот народен театар (МНТ), на 2 април, со почеток во 19 часот, ќе биде промовирана книгата „Иванов 1887/1889: две верзии“ од Антон П. Чехов.
Препорачано
Покрај главниот уредник – Зоја Бузалковска, како главни промотери ќе зборуваат и Драгица Најческа – преведувачката на книгата, Ѓорѓи Јолевски – актер и Гоце Смилевски – писател, а издавач е РСМ НУ Македонски народен театар.
– Со ова драгоцено издание на „Иванов“, комедијата од 1887 година, и „Иванов“, драмата од 1889 година, во одличниот, лесно читлив, но и изговорлив превод на Драгица Најческа, многу нови, идни постановки и драматуршко-режисерски читања на оваа пиеса стануваат возможни и веројатни.
Изданието, бездруго, ќе иницира и понатамошни анализи на драматуршката постапка во правењето суштински промени на еден, кон крајот на XIX век навидум кревок, a денес толку поставуван, игран, посакуван, секогаш одново актуелен, многуслоен драмски материјал – истакнуваат од МНТ.
По промоцијата ќе следува потпишување на книгата, како и изведба на претставата „Иванов“ во режија на Зоја Бузалковска.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 223, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.3.2024)