
Книгата „Иницијација и покајание“ од д-р Атанас Чупоски беше промовирана во Кинотеката
Кинотеката на РСМ на 27 октомври го одбележа Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со промоција на книгата „Иницијација и покајание – доминантни топоси во наративниот дискурс на рускиот филм во XXI век“ на д-р Атанас Чупоски и со презентација на „блуреј“ изданието на првиот македонски игран филм „Фросина“ на режисерот Воислав Нановиќ.
Препорачано
Книгата ја промовираа проф. д-р Лидија Стојановиќ-Лафазановска и директорот на Кинотеката, кој воедно е уредник на изданието – Владимир Ангелов.
„Иницијација и покајание“, во издание на Кинотеката, е филмско-теориско истражување на д-р Чупоски, филмолог-советник во Кинотеката. Низ дванаесет поглавја, во интермедијална релација се поврзуваат сакралните наративи карактеристични за древните општества, аспектите на духовниот живот во Православието, аспектите на раскажувачките техники во разни медиуми, со современиот јазик на филмот.
Истражувањето ги поврзува и трипартитните етапи карактеристични за иницијацијата, христијанското покајание и принципите на нарација, преку трипартитната структурна схема на иницијацијата: сепарација – иницијација – инкорпорација, што наоѓа свои паралели во трите фази на покајанието: искушение – покајание – простување, во трите етапи: покајание – исповед – причестување, но и во трипартитната схема на раскажувачката и филмската уметност: експозиција – заплет – расплет.
Во аналитичкиот дел се интерпретирани наратолошко-филмолошките специфики на пет руски филма: „Цар“, „Параклис на ангелот“, „Поп“, „Чудо“ и „Остров“, а во расчитувањето на нивниот диегетски свет исползувано е православното христијанско учење за светот и животот како своевиден херменевтички клуч во толкувањето на внатрешниот филмски свет.
Текстот е интегрална верзија на истоимената докторска дисертација на Атанас Чупоски, работена под менторство на проф. д-р Маја Бојаџиевска и проф. д-р Славица Србиновска, одбранета во 2017 г. на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 152, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30 октомври 2022)