Ќе се купуваат ли криптовалути во банка?

Предвидуваме можности банките во Македонија да можат да продаваат и да чуваат крипто-средства на приватни правни и физички лица и на институционални инвеститори, со цел физичките и правните лица да можат да купат биткоини, етереуми и други криптовалути во банка“, пишува во Програмата на победничката ВМРО-ДПМНЕ

Младите луѓе најмногу ги користат придобивките на Интернетот, глобализацијата и модерната доба, а главен извор на заработка за некои од нив се токму трансакции од странскиот пазар. Со цел легализирање на овие приходи и овозможување дигитална инфраструктура за полесен пристап до меѓународните пазари, настојуваме да создадеме правна рамка за трговија со криптовалути, фриленс работење, како и воведување глобални платежни процесори во Македонија, пишува во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, Платформа #1198.

Според оваа Платформа, во иднина би можеле да купуваме криптовалути и во банка.

„Најнапредните земји како Германија, Швајцарија и САД воведоа можност граѓаните да можат да купуваат, да држат и да продаваат крипто-средства преку банкарските сметки, наместо исклучиво преку финтек-апликации. Ќе пристапиме кон дефинирање на криптовалутите како специфичен вид нематеријално средство засновано на дигитални технологии. Предвидуваме можности банките во Македонија да можат да продаваат и да чуваат криптосредства на приватни правни и физички лица и на институционални инвеститори, со цел физичките и правните лица да можат да купат биткоини, етереуми и други криптовалути во банка“.

За упатените, ние сме далеку од купување криптовалути во банки, а сè уште и немаме целосна регулатива. На пример, тргувањето со криптовалути и сега не е забрането, има и менувачници за промена на криптовалути во денари, но тоа е до крај нерегулирана материја. Летото во 2022 година се донесе Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, и како што велат упатените, до одреден степен се овозможи воспоставување регулација на криптосферата од аспектот на ризиците од перење пари и финансирање тероризам, но затоа во собраниска процедура „заглавија“ подзаконските акти со кои ќе се овозможи изготвување регистар на даватели на услуги поврзани со виртуелни средства.

Александар Вујиќ, специјалист за спречување на перење пари и познавач на легислативата и стандардите за криптовалутите, вели дека е за поздравување секоја иницијатива поврзана со нови технологии, но потсетува дека тие носат и ризици и дека со криптовалутите треба да бидеме особено внимателни затоа што тие може да се употребуваат, но и се злоупотребуваат.

– Никаде во светот граѓаните не поседуваат криптосредства преку банкарски сметки, односно за да поседувате криптосредства потребни се криптоадреси. Во тој случај банката би требало да биде давател на услуга поврзана со криптосредства и да издава криптоадреси. Во некои држави, банките се како брокери кои извршуваат налози за купување на криптосредства во име и за сметки на клиентите – објаснува Вујиќ и потсетува дека „банките за да можат да вршат вакви услуги е потребно менување на член 7 став 2 од Закон за банки, кој им забранува да работат што било друго освен тоа што е предвидено во Законот“.

Во Програмата на веќе победничката ВМРО-ДПМНЕ се предвидени и директни погодности за инвеститорите, како што е: 0% данок на додадена вредност за тргување со криптосредства и ослободување од данок на капитална добивка за инвеститорите до 2026 година. Вујиќ објаснува дека оданочувањето на капиталната добивка е веќе влезена во закон, а ДДВ и според Судот на правдата на ЕУ не треба да се плаќа.

– Во новиот Закон за спречување перење пари, криптосредствата се дефинирани како посебна категорија на имот и како нематеријален имот се веќе препознаени во Законот за персонален данок од доход и подлежат на оданочување по однос на капитална добивка. Во однос на ДДВ постои пресуда на Судот на правдата на ЕУ уште од октомври 2015 година во случајот „Скатеверкет против Дејвид Хедквист“ (случај број ц-264/14). Судот е на став дека трансакциите со биткоин не се предмет на ДДВ, односно конверзијата на криптосредство во декретна валута не е предмет на данок на додадена вредност – вели Вујиќ.

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во повеќе наврати досега повтори: „Ние како Централна банка во комуникацијата со јавноста јасно посочуваме дека тргувањето не е забрането, но самото по себе носи ризици за кои секој поединец треба да е свесен при носењето одлука за инвестирање“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот