Собрание на КЕЦ „Небрегово“

КЕЦ „Небрегово“ го објави оперативниот план за 2025 година: Зборот на Блаже Конески има одек во иднината

Собранието на Културниот и едукативен центар (КЕЦ) „Небрегово“, на седница одржана на 13 март, врз основа на програмата за работа предложена од Управниот одбор, го усвои оперативниот план за работа во 2025 година.

Основната мисија на КЕЦ „Небрегово“ е зборот и делото на великанот Блаже Конески да бидат показ, патоказ и инспирација за сите генерации. Во таа смисла, оперативниот план за работа на КЕЦ „Небрегово“ во 2025 година содржи одбележување на четири значајни јубилеи: 80 години Азбука и Правопис на македонскиот стандарден јазик, 25 години КЕЦ „Небрегово“, 20 години Спомен-дом „Блаже Конески“ и 100 години од раѓањето на Трајко Стаматоски, првиот и доживотен претседател на КЕЦ „Небрегово“, претходно познат како Фондација за македонски јазик „Небрегово“.

Првиот настан со кој ќе почне одбележувањето на јубилеите и реализацијата на годишната програма на КЕЦ „Небрегово“ ќе биде промоцијата на книгата „Ех, Конески“ од Марија Симоноска, што ќе се одржи на 26 мај во библиотеката „Борка Талески“ во Прилеп.

Во програмата е забележано и учеството на традиционалниот Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ и одржување заедничка манифестација во Долнени и во Небрегово за зачувување и негување на делото на двајцата великани, Блаже Конески и Пеце Атанасовски, на 5 јули и на 6 септември. Традиционалниот Шаховски турнир во спомен-домот „Блаже Конески“ во Небрегово со пригодна програма ќе се одржи 19 август.

Промоцијата на книгата „80 години Азбука и Правопис на македонскиот стандарден јазик“ ќе се одржи на 5 септември во спомен-домот „Блаже Конески“ во Небрегово, додека културно-туристичката манифестација „Зборот на Конески – Гајдата на Пеце“ во Небрегово ќе се одржи на 6 септември и ќе содржи: Велотура за култура; Отворен час за Конески; Настап на младите од КУД „Мирче Ацев“ од Прилеп; Учество на учениците од ООУ „Блаже Конески“ од Прилеп.

Управен одбор на КЕЦ „Небрегово“ со деканската управа на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“

Во однос на промоцијата на книгата „80 години Азбука и Правопис на македонскиот стандарден јазик“, секретарот на Управниот одбор на КЕЦ „Небрегово“, Атанас Конески, посочува дека интересот за учество на конкурсот бил голем, а пријавени се 25 трудови од 25 автори, меѓу кои има професори, студенти и ученици од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, Институтот за македонски јазик, Институтот за македонска литература, Педагошката академија во Скопје, Филолошкиот факултет во Штип, Педагошкиот факултет во Битола, Меѓународниот славјански универзитет во Свети Николе и гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје.

– Конески си создаде соѕвездие. Зборот на Конески има одек во иднината. Неговото тестаментално дело досега било инспирација за објава на 18 книги со 616 автори на 2572 страници – истакнува Атанас Конески.

КЕЦ „Небрегово“ интензивно работи и на востановувањето на државните награди „Блаже Конески“ и „Ремзи Несими“ за високи стручни и научни достигнувања во областа на македонскиот јазик и македонистиката, односно во областа на албанскиот јазик и албанологијата. Двете награди чекаат Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за државните награди да биде ставен на Дневен ред на седница на Собранието. За таа цел Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје минатата година испрати Барање-ургенција до Собранието на РСМ.

Средба со претседателот на Собранието на РСМ, Африм Гаши

Дополнително, секретарот на УО на КЕЦ „Небрегово“, Атанас Конески, и професорката Весна Мојсова-Чепишевска, на 4 март оваа година остварија средба со Претседателот на Собранието Африм Гаши и со заменик-секретарот на Собранието, Никола Ѓошевски.

Од Претседателот на Собранието Африм Гаши на средбата добиле уверување дека Предлогот благовремено ќе биде ставен на Дневен ред за гласање, за потоа да може да се формираат соодветни комисии, да се распишат конкурси и за првпат да бидат доделени државните награди „Блаже Конески“ на неговиот роденден на 19 декември и „Ремзи Несими“ на 25 декември оваа година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 273, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 22-23.3.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот