Ќе „никнуваат“ ли згради наместо пченка и сончоглед на ораниците што ќе ги распродава државата?

Фото Архива

Уште невлезен во собраниска расправа, новиот предлог-закон за продажба на земјоделското земјиште кое е во сопственост на државата предизвика загриженост во јавноста. Начелната забелешка е дека државата со преголема леснотија се одлучила за продавање стратешки ресурс за производство на храна кој е сопственост на сите граѓани, без притоа да обезбеди заштитни механизми од можни идни злоупотреби на отуѓеното земјиште.

Од повеќе од половина милион хектари обработливо земјоделско земјиште, државата е сопственик на околу 41 процент, кој според нацрт-законот за продажба за земјоделско земјиште е предвидено да се продава на лицитација по цени кои се движат од 0,20 до 1 евро по квадрат, за земјиште дадено под закуп, како и огромна површина слободно земјоделско земјиште по пат на јавно наддавање со почетни цени кои не надминуваат 1 евро за квадрат.

„Ова е сценарио со кое ќе бидеме кираџии во сопствена земја, каде нема да може да се има контрола врз производството на храна. Во време на КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ, каде нашата земја ќе биде СИЛНО погодена, веќе сме сведоци на тоа, поради негативното влијание на променливата клима врз земјоделското производство, а Владата планира распродавање на земјоделско земјиште на ангро за ЏАБЕ“, велат од граѓанското еколошко здружение О2 Иницијатива. Доколку ова се дозволи, земјоделците во иднина тешко ќе дојдат до квалитетна обработлива земја бидејќи ќе ја поседуваат големи корпорации или пак ќе биде давана под закуп по многу високи цени што ќе ги осиромашуваат ситните земјоделци и ќе ги прават неконкуретни нивните производи на пазарот.

Кон крајот на минатата година, премиерот Зоран Заев најави можност во иднина државава да се извлекува од економската криза предизвикана од пандемијата, меѓу другото и со продажба на државно обработливо земјиште, за кое, според премиерот, постоела заинтересираност кај инвеститорите. Според анализите државното земјоделско земјиште според пазарните цени е во вредност повеќе од 2 милјарди евра. Најголемите приходи ги очекуваме од продажбата на државното земјоделско земјиште и тоа околу 20% до 30% во следните три години што се околу 200 до 300 милиони евра, изјави тогаш премиерот Зоран Заев.

Граѓанските здруженија предупредуваат дека нацрт-законот предвидува идниот сопственик да не може да побара пренамена на земјоделското земјиште кое го купил во период од 10 години, што всушност остава можност, по истекот на една деценија, таква пренамена сепак да се изврши. Исто така, постои загриженост и дека, земјиштето ќе се користи на неодржлив начин, со форсирање на монокултури, со производство на генетски модификувани растенија и нанесувајќи му штета на локалното, ситно земјоделско производство на храна.

Професорот по агро-економија на Земјоделскиот факултет во Скопје, Драги Димитриевски, за сајтот самопрасај.мк изјави дека досегашната пракса за давање под закуп на земјоделско земјиште е начин државата да има контрола над начинот на кој се управува со овој ресурс, нешто што нема да биде можност ако земјата добие приватен сопственик. „Овој процес се сретнува и во други земји во развој и се нарекува „land grabbing” односно грабање на земјата“, вели професорот Димитриевски.

„Нас никој нѐ не консултирал за овој закон, всушност никој не ни се ни обратил да ни каже дека државата има намера да продава земјоделско земјиште на странци и тоа по багателни цени“, вели во изјава за Слободен Печат, Ристо Велков од Сојузот на синдикати на земјоделските производители. Тој изрази незадоволство од односот на Министерството за земјоделие кон земјоделците. „Последниве неколку години ниту нѐ викаат на средби ниту нѐ консултираат за законски решенија кои нѐ тангираат нас земјоделците, и никој не кажува зошто е тоа така, а се носат штетни одлуки“.

Од она што го слушам во врска со овој предлог закон, тој не е во полза на подобрување на производство на земјоделски производи туку е со цел за збогатување на поединци, додава Велков и вели дека ова потсетува на времето кога пред дваесетина години власта реши најплодното земјоделско земјиште во близина на градовите да го даде за градење на индустриските зони.

„Тогаш тоа го оправдуваа со тоа дека таму ќе никнат преработувачки капацитети, а видовме дека излезе дека ќе се гради индустрија која нема врска со земјоделието, ама од тој потег се офајдија некои локални моќници“, вели претседателот на синдикатот на земјоделците.

„Слободен Печат“ упати прашања до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое е изготвувач на нацрт законското решение, за да одговорат на ваквите забелешки, но оттаму најавија дека одговори ќе испратат за неколку дена, правдајќи се со презафатеност.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот