Фото: PICRYL

Казна за танцување и за замоци од песок – чудни закони во Германија

Од забрани за танцување и филмови на верски празници до ограничувања за градење песочни замоци на плажите на Балтикот – Германија има некои навистина чудни правила и архаични закони.

Германија може да изгледа релативно либерална во споредба со други земји. Сè уште е можно да се пуши во некои барови и да се сонча гол во јавни паркови, додека 16-годишници легално можат да пијат пиво или вино,  додека во САД границата е 21 година.

Но Германија истовремено е и строго регулирана, особено во неделите и за време на државни празници.

Од забрани за танцување до правила за градење песочни замоци и спроведување тишина на празници, германскиот законски кодекс е полн со необични, често застарени закони.

1. Забрана за танцување и филмови на Велики Петок

Во повеќето од 16-те германски покраини, Велики Петок се смета за „тих јавен празник“ каде што, уште од средниот век, танцувањето е забрането. Главниот град Берлин има релативно либерален пристап кон забраната за танцување, или „Tanzverbot“, која важи од 4 часот наутро до 9 часот навечер на Велики Петок. Но во јужната, претежно католичка покраина Баварија, забраната трае 70 часа, од Велики Четврток до сабота. Казните за прекршување на законот можат да достигнат и до 10.000 евра.

Многу други бучни активности се забранети на овој ден на тишина и верско почитување, вклучувајќи миење автомобили, продажба на стари предмети и преселување.

Во меѓувреме, околу 700 филмови се забранети за време на „тихите празници“ во различни германски покраини. Меѓу нив се „Истерувачи на духови“, наизглед безопасниот цртан класик „Хајди“ од 1975 и религиската сатира на Монти Пајтон од 1979- „Животот на Брајан“.

Но Германците продолжуваат да го бараат своето право на танцување за време на велигденскиот период и редовно протестираат против забраната. Од 2013 година, иницијатива во градот Бохум во покраината Северна Рајна-Вестфалија организира јавно прикажување на „Животот на Брајан“ како протест против правилото.

Фото: PickPik

2. Забрането: берење печурки ноќе, див лук дење

Во Германија е нелегално да се берат печурки во шума ноќе, главно за да се спречи вознемирување на ноќните диви животни.

Исто така е забрането да се ископува див лук со корен за вашиот песто или за супи. Причината е што дивиот лук, кој расте во влажни, сенчести шуми и на поплавени подрачја, лесно може да се помеша со отровни растенија како момината солза.

Берење неколку листови див лук за лична употреба генерално е дозволено без посебна дозвола. Но ископување на растението со светилка или берење во заштитени подрачја е строго забрането!

3. Забрана за песочни замоци на плажите на Балтикот

Децата не смеат да градат песочни замоци на многу плажи на островите покрај Северното и Балтичкото Море. Додека семејствата се собираат на брегот, децата можат да пливаат, но не смеат да градат песочни монументи или да копаат длабоки дупки, во спротивно ризикуваат казна од 1.000 евра.

На острови како Зилт, градењето песочни замоци е забрането со добра причина: копањето и поместувањето на песокот може да доведе до ерозија на плажата.
Балтичките летувалишта Бинц и Селин на островот Риген дозволуваат песочни замоци, но со максимална висина од 30 сантиметри и обем од 3,5 метри.

Фото: Neil Turner / Flickr

4. Забрана за косење трева во недела… и за шопинг

Вклучувањето на косилка или користење електрични алати во недела во Германија ќе ви донесе лутина на соседите, а можеби и на полицијата.

Традицијата на Ruhezeit, или време за тишина, сè уште владее во недела, која долго време е резервирана за семејства и верски обреди. Генерално, забрането е користење моторизирана градинарска опрема, вклучувајќи косилки, во недела и на државни празници. За оние што прават бучава се можни казни.

Неделната тишина се проширува и на улиците, со законот Ladenschlussgesetz — „Закон за затворање продавници“, федерален германски закон од 1956 година, кој забранува отворање продавници во недела и на празници. Иако од 2006 година покраините добија повеќе слобода да ги регулираат овие правила, неделниот шопинг останува речиси целосно забранет, освен неколку специјални денови и ограничени исклучоци.

5. Не останувај без гориво на автопат

Точно така, стоење на автопатот во Германија поради недостаток на гориво е прекршок.

Во автомобилска Германија, возачите кои не го полнат резервоарот пред да тргнат на автопат се сметаат за неодговорни. Затоа можат да бидат казнети за загрозување на себе и другите, додека возилата иронично брзаат покрај нив на автопат без ограничување на брзината.

Запирање на автопат е дозволено само во итни случаи.

Извор: Дојче веле/ Автор: Стјуарт Браун

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот