Катарскиот премиер вети одмазда за израелскиот напад врз Доха

Катарскиот премиер, шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани, вети дека ќе му возврати на Израел по нападот на земјата врз политичкото раководство на Хамас со седиште во Доха.

„Државата Катар е посветена на решителна акција против сè што е насочено кон нејзините територии, го задржува правото да возврати и ќе ги преземе сите потребни мерки за возврат“, рече Ал Тани на прес-конференција.

Катарскиот премиер рече дека неговиот државен министер ќе свика состанок денес со цел „да се разгледаат сите политики и директиви со цел да се спречат ваквите акции и мерки во иднина и да се спречи ова да се случи повторно“, објави „The Hill“.

Ал Тани го нарече нападот врз Доха израелски „државен тероризам“, истакнувајќи дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја загрозува регионалната безбедност и го нарушува суверенитетот на соседните земји.

„Мислам дека стигнавме до одлучувачки момент. Треба да има одмазда за целиот регион за тие варварски дејствија што одразуваат само едно нешто: тие го одразуваат варварството на оваа личност која, за жал, го води регионот до точка каде што не можеме да решиме никаква ситуација и не можеме да поправиме ништо, и не можеме да работиме во рамките на меѓународните закони“, рече Ал Тани.

Тој, исто така, го обвини Нетанјаху за кршење на тие меѓународни закони, но сепак истакна дека Катар ќе продолжи да игра посредничка улога во преговорите меѓу Израел и Хамас.

„Медијацијата и катарската дипломатија се дел од идентитетот на земјата и ќе продолжат, и ништо нема да нè спречи да истраеме во оваа улога во различните прашања околу нас во регионот, со цел да се постигне стабилност на регионот и на крајот стабилност на нашиот народ“, рече Ал Тани.

Постојаната мисија на Јужна Кореја, која претседава со Советот за безбедност на ОН во септември, соопшти дека телото ќе се состане денес во врска со израелскиот напад врз Катар.

-Средбата под точката на дневен ред „Ситуацијата на Блискиот Исток“ е закажана за утре во 15:00 часот по локално време, им беше кажано на новинарите во мисијата синоќа. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, го осуди вчерашниот израелски напад врз лидерите на Хамас во Доха, главниот град на Катар, истакнувајќи ја „многу позитивната улога“ што земјата ја одигра во постигнувањето прекин на огнот во Газа и обезбедувањето ослободување на заложниците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот