
Каси по изрекувањето на казната на Диди: „Ништо не може да ја избрише траумата“
Музичкиот магнат Шон „Диди“ Комбс е осуден на четири години и два месеци затвор, по скоро двомесечно федерално судење што заврши со негова вина за две точки на обвинение за транспорт со цел проституција. Тој беше ослободен од обвиненијата за трговија со луѓе и рекетирање, објави „Пипл“.
Препорачано
Судијата Арун Субраманијан му го призна времето што веќе го има поминато во притвор, па Комбс ќе одлежи вкупно три години затвор. Дополнително, ќе следат пет години условна слобода и парична казна од 500.000 долари – максималната предвидена со закон.
„Иако ништо не може да ја избрише траумата што ја предизвика Комбс, денешната казна ја признава сериозноста на неговите дела“, изјавија адвокатите на пејачката Каси, Даглас Вигдор и Мередит Фајртаг.
Тие додадоа дека со поддршката од семејството и пријателите, Каси ќе продолжи со процесот на заздравување, знаејќи дека нејзината храброст инспирирала илјадници жени.

Каси Вентура, која беше во љубовна врска со Диди од 2007 до 2018, во ноември 2023 поднесе тужба во Њујорк, обвинувајќи го за сексуално насилство и физичка злоупотреба. Иако тужбата беше повлечена ден по поднесувањето, јавноста доби увид во нивниот однос откако во јавност излезе видео од 2016 година, на кое Комбс физички ја напаѓа пејачката во хотел.
Потоа следуваа нови обвинувања, а домовите на Комбс во Лос Анџелес и Мајами беа претресени од федералните власти. Тој беше уапсен во септември 2024.
Вентура, осум месеци бремена со своето трето дете, сведочеше на судењето за трговија со луѓе, каде откри детали од односот со Комбс и неговите наводни „фрик оф“ забави. Неколку дена по емотивното сведочење, пејачката го роди своето трето дете со сопругот Алекс Фајн.

Во писмо до судот, Вентура изрази страв од „брза одмазда“ од страна на Комбс и неговите луѓе, барајќи судијата да ја земе предвид болката на „многуте животи кои тој ги уништил со своето однесување“.
Комбс, пак, во сопственото писмо призна: „Бев во целост во заблуда кога кренав рака врз жената што ја сакав. Жал ми е и секогаш ќе ми биде жал“. Тој ѝ се извини и лично во судницата на денот на изрекувањето на пресудата.
Во меѓувреме, сопругот на Каси, Алекс Фајн, на Инстаграм објави писмо напишано во мај 2024, упатено до жртви и сторители на семејно насилство, како реакција на пресудата.