Промоција на кандидатурата на Таравари за претседател / Февруари 2024 г. / Фото: Фејсбук

Касами: Таравари не, но некои негови сопартијци може да останат во извршната власт

„Арбен Таравари нема да биде дел од Владата, но во извршната власт ќе може да останат членовите на неговата партија кои не се согласуваат со него, изјави денеска во Тетово Биљал Касами на новинарско прашање што се договориле како коалиција „Вреди“ со премиерот Христијан Мицкоски. Според Касами, за да се направат промени во Владата ќе треба повеќе време, иако вчера рече дека следните денови ќе има и конкретни чекори во тој правец.

– Ние одлучивме дека во следниот период ќе работиме заедно во правец на тоа да Арбен Таравари како главен носител на идејата за соработка со ДУИ, да не биде дел од Владата. Има договор дека кој било што соработува со Али Ахмети, во ваква ситуација не може да може да биде дел од Владата. За динамиката и модалитетите како тоа ќе се спроведе од моментот кога ќе имаме конкретно решение, сигурно дека ќе се запознаеме јавноста, затоа што тоа не е едноставна работа. Ако се договориме дека ќе има реформирање на владата, ќе треба да видиме кои ќе треба да излезе и кој ќе треба да влезе, затоа што гледаме дека и во ваква ситуација има некои чинители во Владата кои се дел од партијата на Арбен Таравари, кои не се согласуваат со него, рече Касами.

Градоначалникот на Тетово и еден од лидерите на „Вреди“ смета дека треба да се прави јасна разлика меѓу Арбен Таравари, кој е „носител на комуникацијата со Али Ахмети“ и Алијанса на Албанците. Тој потсетува на коалицискиот став дека Алијансата на Албанците е важен фактор на коалицијата „Вреди“ и нивната желба и понатаму е да биде дел од коалицијата.

– Секој кој е дел од Алијанса на Албанците и кој сака да продолжи да бидат дел од Владата, ние сме отворени да продолжиме да соработуваме со него. Значи, во моментот ние цениме дека главен проблем е директната соработка на Арбен Таравари со Али Ахмети. Таа одлука е веќе донесена, дека во случајот, Арбен Таравари не може да биде дел од Владата. Секој друг член на Алијанса на Албанците кој не се согласува со оваа соработка на Арбен Таравари со Али Ахмети е добредојден да продолжи да биде дел од Владата. Затоа треба да се се расчистат овие ситуации, кој е за и кој е против соработката со ДУИ, истакна Касами.

Според него, кога ќе се расчистат дилемите со АА ќе има и промени во нивните досегашните функционерски позиции во Владата и другите тела на извршната власт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот