
Камчев им ги бара парите, Катица Јанева и Бојан Јовановски му посочија други адреси
Дотерани и видно средени иако доаѓаат од затвор Катица Јанева и Бојан Јовановски денеска се појавија во судницата во Основниот граѓански суд – Скопје во својство на тужени по тужбата од бизнисменот Орце Камчев со која тој си ги бара назад парите од фамозната чанта „Луј Витон“ поради која и Јанева и Боки 13 добија затворски казни за случајот „Рекет“.
Препорачано
Чантата со милион евра, според тврдењето на Камчев од неговата куќа ја изнесе Зоран Милески – Кичеец, но тужбата против него тој ја повлече и останува вкупното побарување од милион и пол евра, според пресудата во случајот „Рекет“ по судски пат да го бара од Јанева и Јовановски.
Тужената Катица Јанева на денешното рочиште истакна дека во текот на нејзиниот мандат како специјален јавен обвинител „многу трпела влијание од страна на политичките партии”.
– Многу трпев влијание од страна на политичките партии, за сите одлуки. Тие мислеа дека јас, како провинцијалка не го познавам правото, дека ќе им дозволам да влијаат на моите одлуки, но, после четиригодишно согледување на работите ја извртеа целата работа и го конструираат овој небулозен предмет „Рекет”, рече Јанева.
Дополни дека во пресудата за „Рекет” „не е изведен ниту еден доказ од кој би се утврдило нејзино незаконито постапување”. Јанева истакна дека нејзините дејствија воопшто не се поврзани со паричниот износ кој се побарува.
Тој во својот исказ денеска хронолошки ги образложи случувањата преку кои тој смета дека му е нанесена штетата.
Тужениот Бојан Јовановски, пак, во својот исказ истакна дека целосно го отфрла оштетното побарување.
– Целосно го отфрлам оштетеното побарување од причина што во целост го негирам делото за кое сум правосилно осуден. Пред овој Суд истакнувам, покрај тоа што го негирам делото и покрај правосилната пресуда, дека ќе дојде момент кога ќе се утврди вистинската фактичка состојба, рече Јовановски.
Камчев тврди дека на еден од разговорите со Бојан и Катица му спомнале колку пари требало да даде за да нема обвинение и се споменала сума од 8 милиони евра.
-Боки на лист напиша колку пари секој месец да му испаќам, но се да се исплати до јуни 2019. Првиот милион му беше исплатен во таа фамозна Луј Витон чанта – откри Камчев.
Бојан Јовановски објасни дека клучниот ден како и многупати досега бил во домот на Камчев заедно со Кичеец но оти пари ниту видел ниту зел
-Претходно Кичеец дојде кај мене дома и ми побара пари кои наводно треба да му ги позајми на Камчев. Парите беа во “Космо” кеса. На средбата кај Камчев не се случуваше ништо невообичаено и во еден момент Камчев и Кичеец се тргнаа во друга просторија. На излегување Кичеец носеше Луј Витон торба а што имало внатре не знам бидејќи не прашав а и многупати пред тоа Камчев му даваше слични работи на Кичеец. Тужителот мене ме доведе до заблуда и ме злоупотреби. Затоа Камчев парите треба да ги бара кај оние што му ветувале нешто и кај обвинителката Русковска.
Во случајот „Рекет”, Бојан Јовановски доби затвор од девет години за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, додека Јанева е осудена на седум години затворска казна за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинителниот акт, Бојан Јовановски влијаел врз Катица Јанева, за таа да бара поблаги мерки против Јордан Камчев, обвинет во предметот „Империја”, случај кој го почна поранешното Специјално јавно обвинителство.
Судењето за предметот за оштетното побарување на Орце Камчев од Бојан Јовановски и Катица Јанева за случајот „Рекет” продолжува на 11 мај, со сослушување на сведоците предложени од тужителот, Ана Камчева, Ратка Куновска Камчева, Кристина Камчева и Мирјана Бошкова.