
Како се снимал култниот филм „Доктор Живаго“: Карло Понти ја одбил Софија Лорен за главната женска улога поради висината
Иако своевремено филмот „Доктор Живаго“ потфрли на киноблагајните, денес е еден од легендарните филмови, во кој било планирано да глумат Одри Хепберн, Марлон Брандо и Пол Њумен. За улога во филмот била планирана и Софија Лорен, која денес го прослави 91-от роденден, но во последен момент била заменета.
Препорачано
Раскошната екранизација на истоимениот роман од Борис Пастернак првпат беше емитувана пред 55 години. Тоа е една од најубавите љубовни приказни на филмското платно. Живаго е оженет со Тања, но има афера со Лара, која ја силувал немилосрдниот политичар Комаровски. Приказната за лекарот со поетска душа и неговиот турбулентен живот беше наградена со пет „оскари“. Делото по кое е снимен филмот, романот од рускиот писател Борис Пастернак, било забрането во СССР и првото издание го доживеало во Милано, откако било прошверцувано во Италија. Една година подоцна, Пастернак освоил награда за книжевност, што го предизвикало бесот на советските власти.
Кога романот доживеал меѓународен успех, продуцентот Карло Понти се заинтересирал да го екранизира, а улога во него да има и неговата сопруга Софија Лорен. Но режисерот Дејвид Лин го убедил Понти дека Софија не е вистинската актерка за улогата на Лара, велејќи му дека е премногу висока. Наводно, таа не била соодветна за ликот на младата невина девојка од почетокот на филмот.
Барањето на Карло Понти филмот да се снима во СССР било одбиено од тогашната влада. Дејвид Лин ја посетил тогашна Југославија и некои скандинавски земји во потрага по локации, но на крај ја избрал Шпанија. Надвор од Мадрид биле градени цели сетови од Москва. Иако дејството во приказната се одвива во зима, снимањето се одвивало во лето, на температури над 30 степени.

Филмот се снимал во време на режимот на генералот Франциско Франко, а сцената со публиката која скандира марксистички пароли била снимена во три часот наутро. Полицијата поверувала дека станува збор за револуција и се појавила на сетот, каде што останала додека завршило снимањето.
Ивет Мимие, Сара Мајлс и Џејн Фонда добиле понуди за улогата, која на крај ја добила Џули Кристи.
Во сцената во која Џули Кристи му удира шлаканица на Род Стајгер, тој ѝ возвраќа иако тоа не било во сценариото, ниту се зборувало како ќе се сними, што ја изненадило актерката и нејзиниот шокиран израз во сцената е вистински.
Еден од првите актери кој потпишал договор е Омар Шариф, дотогаш познат како Шериф Али, првиот помошник на Лоренс во филмот „Лоренс од Арабија“.

Шариф ја сакал улогата на Паша (која ја добил Том Кортенеј) и се изненадил кога Лин му предложил да го игра Живаго, улога за која првично бил планиран Питер О’Тул, ѕвездата од филмот „Лоренс од Арабија“. Наводно ваквиот пресврт се случил откако Мајкл Кејн ги гледал пробните снимки од аудициите заедно со Дејвид Лин. Во игра за ликот на Живаго биле и Макс вон Сидоф и Пол Њуман.
Улогата на Комаровски ја добил Род Стајгер откако Марлон Брандо и Џејмс Масон ја одбиле. На Одри Хепберн ѝ била понудена улогата на Тања, а синот на Шариф, Тарек, го глуми малиот Живаго во филмот.
Омар Шариф подоцна открил дека бил на работ на нервен слом поради барањата од режисерот Лин. Алекс Гинис тврдел дека Лин се однесувал како „режисерска суперѕвезда“ и често го навредувал Гинис за неговата глума. Затоа по „Доктор Живаго“ не соработувале 20 години.

По премиерата во Њујорк, весникот „Њузвик“ објавил критики за „лошо изградените сетови“ и „бледата фотографија“. Дејвид Лин се заколнал дека нема да сними веќе ниту еден филм. Иако на киноблагајните потфрли, денес филмот е култен, а во Русија првпат бил прикажан во 1994 година.