
Како се одвивала потрагата по четирите исчезнати деца во Колумбија?
Исчезнувањето на четирите деца по падот на нивниот авион во колумбиската џунгла на 1-ви мај, беше причина за започнување на една од најголемите спасувачки операции во историјата на Колумбија.
Препорачано
Четириесет дена по несреќата, тимот за пребарување конечно ги забележал децата на возраст од 13, девет, пет и една година, откако слушнале како едно од нив плаче. Децата биле исцрпени, неухранети и дехидрирани, но живи, пишува „Би-Би-Си”.
Она што ѝ претходело на добрата вест што ја чекала целата нација била напорната потрага.
Каде исчезнале децата?
Децата патувале заедно со нивната мајка, 33-годишната Магдалена Мукутуј, со мал авион од нивниот дом во близина на Аракуара, на југот на Колумбија, до Сан Хозе дел Гуавиаре.
Авионот на „Авианлејн Чартер“ го управувал Хернандо Мурсија (55). Во авионот бил и локалниот домороден лидер Херман Мендоза.
Авионот исчезнал од радарот околу 07:30 часот по локално време, веднаш откако Мурсија пријавил проблеми со моторот.
Биле потребни две недели за да се пронајдат остатоците од авионот, кој прво се урнал со предниот дел во џунглата. Внатре во урнатиот авион било телото на пилотот Хернандо Мурсија.
Телата на Херман Мендоза и Магдалена Мукутуј биле лоцирани неколку часа подоцна во близина на урнатините, но децата никаде ги немало.
Сепак, предметите што им припаѓале на децата пронајдени во џунглата им дале надеж на пребарувачите дека тие ја преживеале несреќата.

Како и предметите што ги имале децата на себе, војниците кои ги барале исто така откриле индиции дека младите се доволно добро да одат и да се хранат.
Чекорите со големина на дете во калта и полуизеденото овошје кое го нашле спасителите покажале дека децата се движеле, а недостатокот на крв сугерирало дека не се сериозно повредени.
Додека секоја трага била добар знак за стотиците војници кои ја пребарувале џунглата дека нивната потрага не била залудна, густото зеленило и оддалечената локација значеле дека нивниот напредок бил бавен.
Биле распоредени хеликоптери, но дрвјата оневозможиле да се забележи кој било детал во зеленото.
Соочени со такво дезориентирачко опкружување, командантите смислиле систем за следење на областите што ги пребарувале.
Ден по ден војниците со кучиња трагачи ја пребарувале џунглата. Ним им се придружиле волонтери од локалните домородни групи кои сакале да ги најдат децата.
И додека тие постојано наидувале на нови индиции, нивната цел да ги спасат децата се покажала неостварлива.
Командантот на потрагата објаснил дека тоа не е толку потрага по игла во стог сено, туку потрага по „ситна болва во огромен тепих” бидејќи тие продолжувале да се движат.
Армијата објавила неколку мапи за да ја прикажат огромната големина на областа што ја пребарувале под исклучително тешки околности.
Хеликоптерите емитувале пораки на јазикот Хуито, снимени од бабата на децата, во кои ги повикувала да престанат да се движат и да останат на место за да ѝ се даде на армијата поголема шанса да ги најде.
По 40 мачни денови, четворица домородни волонтери конечно ги забележале 13-годишната Лесли, Солеини (9), петгодишниот Тиен Нориел и едногодишната Кристин Нериман среде шумата.
Младите со хеликоптер биле пренесени во колумбиската престолнина Богота, каде што се на лекување во воена болница.

Тие имале посети од нивните баба и дедо и нивниот татко Мануел Раноке.
Раноке им кажал на новинарите дека неговата сопруга и децата се качиле на кобниот лет бидејќи сакале да му се придружат откако тој бил принуден да го напушти нивниот дом.
Тој рекол дека му се заканувале од Френте Каролина Рамирез, вооружена група која се отцепила од бунтовниците на Револуционерните вооружени сили (ФАРК) кога последниве потпишале мировен договор со колумбиската влада во 2016 година.
Тој изразил страв и за безбедноста на своите деца.
Френте Каролина Рамирез негирале дека му се заканувале на Ранок.
Дисидентските бунтовници, исто така, негирале дека насилно регрутирале деца во нивните редови, тврдејќи дека имаат „добри односи“ со локалните домородни групи.
Нивните зборови биле дочекани со скептицизам. Она за што постои мало сомневање е дека домородните заедници го носат товарот на насилството што го посеаа завојуваните фракции во регионот.