Начини на подготовка на кафе / Фото: Pexels

Како начинот на подготовка на кафе влијае на нашето здравје?

Дитерпените се соединенија во растенијата кои имаат различни ефекти врз човечкото тело. Два од нив – кафестол и кахвел – се поврзани со зголемено ниво на липобелковини со мала густина (ЛДЛ). Високи нивоа на овие соединенија се пронајдени во кафето, но се чини дека многу од нив зависи од тоа како ќе го извлечете кафето, пишува „Саенс алерт“.

Шведски истражувачи ги анализирале нивоата на дитерпени во кафето подготвено со различни апарати и методи на варење. Откриле дека филтрирањето на кафето може да ги намали некои од неговите несакани ефекти врз здравјето.

„Ги проучувавме нивоата на овие супстанци во кафето подготвено со 14 различни методи и откривме дека тие се многу повисоки кај кафето направено со професионални апарати во споредба со обичните апарати за филтер-кафе“, изјавил Дејвид Игман, клинички нутриционист од Универзитетот во Упсала.

Според истражувачите, филтрирањето игра клучна улога во присуството на супстанци што го зголемуваат холестеролот во кафето.

Научниците ги пресметале здравствените придобивки за личност што пие три шолји кафе дневно, пет дена во неделата. Тие утврдиле дека замената на кафето од апарат со филтер-кафе може да го намали нивото на ЛДЛ холестерол и да го намали релативниот ризик од атеросклеротични кардиоваскуларни болести за 13 отсто во рок од пет години и за 36 отсто во период од 40 години.

Истражувањето вклучувало различни методи на подготовка на кафе. Примероците биле замрзнати и подложени на анализа на концентрацијата на дитерпени.

Дополнително, биле земени четири примероци еспресо од три кафулиња и една компанија. Откриено е дека дома приготвеното кафе генерално има пониски нивоа на дитерпени во споредба со кафето направено со апарати.

Во почетокот, истражувачите сметале дека еспресо-апаратите произведуваат најпроблематично кафе, бидејќи во просек генерирале 1.060 мг кафестол на литар кафе. Сепак, поради големата варијабилност во примероците (од 35,6 до дури 2.446,7 мг на литар), не можело да се извлече конечен заклучок.

Други апарати и машини за кафе произведувале напитоци со просечна концентрација од 174 мг кафестол на литар и 135 мг на литар кафе.

Истражувањето покажало дека:

Француската преса прави кафе со умерени нивоа на дитерпени – под 90 мг кафестол на литар и 70 мг кахвеол на литар.

Филтер-кафето направено со „кап по кап“ систем има најниска концентрација – само 11,5 мг кафестол на литар и 8,2 мг кахвеол на литар.

Домашното сварено кафе (како „турско кафе“) има екстремно високи нивоа на дитерпени – 940 мг кафестол на литар и 680 мг кахвеол на литар.

За среќа, овие нивоа лесно можат да се намалат. Истражувачите откриле дека филтрирањето на свареното кафе низ хартиен филтер или ткаенина ги намалува концентрациите на само 28 мг кафестол и 21 мг кахвеол на литар.

И покрај потенцијалните ризици, многу студии покажале дека консумирањето три или повеќе шолји кафе дневно може да го намали ризикот од кардиометаболички болести за 40%.

Редовното пиење кафе исто така е поврзано со намален ризик од деменција и Паркинсонова болест и намален ризик од рак на кожа, усна шуплина и дебело црево.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот