Како ќе се снабдува ЕУ со електрична енергија? На Русија и се наоѓа замена, потпишан договор со Азербеџан

фото ЕПА

Лидерите на Азербејџан, Грузија, Романија и Унгарија потпишаа договор за транспорт на чиста енергија преку подводен електричен кабел во Црното Море.

Договорот меѓу владите на Азербејџан, Грузија, Романија и Унгарија за стратешко партнерство во областа на развојот на енергијата и транспортот ќе ги поврзе двата брега на Црното Море и би можел да транспортира електрична енергија во Молдавија, Западен Балкан и Украина, соопшти денеска во Букурешт, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Со оглед на актуелниот безбедносен контекст обележан со рускиот напад врз Украина, треба да воспоставиме подобра соработка и да покажеме поголема солидарност за да ги ублажиме заедничките проблеми“, рече романскиот претседател Клаус Јоханис.

Фон дер Лајен нагласи дека стратегијата на ЕУ е да се откаже од руските фосилни горива и да се сврти кон чисти извори на енергија со доверливи енергетски партнери.

 

„Европската унија успеа да компензира за намалувањето на рускиот гас. Но, ние не зборуваме само за управување со новата геополитичка ситуација. Тоа е за создавање иднина за нас во смисла на чисти, достапни и безбедни извори на енергија, кои се форми на обновлива енергија“, рече претседателката на Европската комисија.

Фон дер Лајен истакна дека ЕУ е подготвена да обезбеди финансиска поддршка за тој проект откако ќе се направи физибилити студија.

Таа оцени дека овој проект ќе ги поврзе двата брега на Црното Море и пошироко со регионот на Каспиското Море и дигитално и енергетски и дека електричниот кабел под Црното Море нуди повеќе можности.

 

„Овој проект може да донесе значителни придобивки за Грузија. Тој може да ја претвори земјата во центар за електрична енергија и да ја интегрира на пазарот на електрична енергија на ЕУ. Кабелот под Црното Море може да пренесува електрична енергија до нашите соседи во Молдавија и Западен Балкан и секако до Украина. Ова ќе помогне во обновувањето на украинскиот енергетски систем и обновувањето на земјата“, нагласи Фон дер Лајен.

Договорот предвидува електричен кабел во должина од 1.100 километри и 1.000 MW да поминува под Црното Море, од Азербејџан до Романија, како дел од напорите на ЕУ да ја замени енергијата што ја добиваше од Русија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот