
Како гените влијаат на бојата и шарите на крзното на мачката: Еве зошто нема две идентични мачки во светот
Разновидноста на боите и шарите на мачкиното крзно претставува вистински уметнички траг на природата: различните нијанси на боите на крзното, нивното преклопување, како и облиците што ги формираат се речиси безбројни, почнувајќи од пруги, дамки, па сѐ до чисто бело крзно, преку црвено-жолто до совршената сиво-сина боја на британската краткодлака мачка, пишува „Љубимци“.
Препорачано
Како дошло до сите овие комбинации, зошто ги има толку многу и дали воопшто имаме претстава за корените на оваа природна убавина?
Како мачката ја добива бојата на крзното
Клучна улога во бојата на крзното игра генетиката на мачката, која започнува со два главни пигмента: еумеланин е пигментот кој дава црни или кафеави тонови, а феомеланин е заслужен за црвеникавите и портокалови тонови на крзното на мачката. Боите како сива, црвено-жолта и други се добиваат со комбинација на овие пигменти и различни гени кои ги модифицираат. На пример, генот за разредување ја претвора црната во сино-сива, а портокаловата во крем боја. Исто така, постојат гени кои се подоминантни и чие влијание повеќе се изразува.
Бело крзно кај мачката
Бидејќи белата боја не може да се добие со комбинација на две или повеќе различни бои, белото крзно кај мачката обично е последица на генот за бели дамки, кој спречува развивање на пигмент на одредени места. Така мачките добиваат бели шепи, бел стомак или целото тело им е во бела боја. Целосно белите мачки често го носат генот W (доминантен „white“ (во превод: бело)), кој целосно ги маскира сите други бои и шари, па мачката ја гледаме како целосно бела.
Како мачката добива шари
Повеќето домашни мачки го носат генот „tabby“ (ген за шаренило), иако кај некои тој не се гледа најјасно. Станува збор за основниот образец на шари на крзното на мачките кој се препознава по пруги, дамки или мермерни шари, а тие настануваат поради дејствување на посебни гени кои го регулираат распоредот на пигментите во влакното. Она што е интересно е тоа што таби шарите се поврзуваат со дивите предци на мачките, па се смета дека влечат корени уште од африканската дива мачка.
Која комбинација на бои и шари ќе ја добие мачката зависи од двата нејзини родители. Со комбинација на гените и од мајката и од таткото, како и со доминација на некои од нив, се раѓа ново суштество, со единствени шари. Доказ за тоа дека гените можат да се комбинираат на различни начини е легло од, да речеме, 5 мачиња, каде секое има различни бои и шари. Токму во тоа лежи убавината на природата и уникатноста на секое живо суштество.