
Јуниорите се подготвуваат за настапот на Европското првенство Дивизија А во Белград
Селекторот на машката јуниорска кошаркареска репрезентација на Македонија за играчи до 18 години, Горан Андреевски го резимира периодот кој е зад нив, односно воведната фаза од подготовките за настап на Европското првенство од Дивизијата „А“ во Белград, Србија.
Препорачано
– На првиот селективен тренинг повикавме повеќе играчи, односно 36. После два дена поминати на тренинг, избравме 21 играч со кои работевме овие изминати 10 дена. До крајот на неделата им се дава шанса на сите одбрани играчи. Согласно со планираните активности, тогаш ќе го скратиме списокот на 18 играчи со кои планираме да тренираме до пред самото заминување за Белград, каде следува настапот на Европското првенство – рече Андреевски.
Континенталниот собир ќе се одржи од 26 јули до 3 август 2025 година. Потсетување дека нашата селекција е во групата Ц заедно со репрезентациите на Србија, Литванија и Грција.
– Атмосферата во тимот е одлична, се тренира напорно, индивидуални тренинзи, теретана, и тимски тренинзи секој ден, два пати, по два и пол часа. Задоволен сум од играчите како тренираат и од нивното залагање на тренинзите. Очекувам, постепено да ја креваме формата.
Физички, поголем дел од играчите се недоволно подготвени, исто така и на технички план. Со соработниците се обидуваме максимално да се посветиме на тренинзите, да ги елиминираме сите недостатоци. Но не е лесно да се надополни нешто што било пропуштено во текот на целата година. Можам да кажам и една друга работа, а тоа е што многу играчи имаат некои други приоритети, како што се одмор, разно-разни патувања и друго, а во втор план ја ставаат репрезентацијата. Репрезентацијата мора да им биде приоритет, и дека во репрезентацијата мора да бидат само навистина најдобрите играчи – вели селекторот Андреевски.