Предавањето ќе се одржи во амфитеатарот на Архитектонскиот факултет

Јубилејното издание на „Акто“ почнува со предавање насловено „Еколошки иднини“ на архитектот Даниел Кунерт

Јубилејното, 20-то издание на фестивалот за современи уметности „Акто“ ќе почне на 2 октомври со преднастан во форма на предавање насловено „Еколошки иднини“ на архитектот Даниел Кунерт од „Арх плус“ (ARCH+).

„Арх плус“ е водечко германско списание од областите на архитектурата и урбанизмот, основано во 1967 година во духот на еманципаторското самопросветлување, кое критички ги разгледува општествените аспирации на изградената средина во кварталните изданија. Предавањето на архитектот Даниел Кунерт ќе се одржи во амфитеатарот на Архитектонскиот факултет во Скопје, со почеток во 19 часот.

„Еколошки иднини“ е заеднички проект на „Арх плус“ и Гете-институт насочен кон еколошките и социјалните предизвици на нашето време. Проектот обединува урбани практичари, уметници, културни чинители, жители, локални заедници, Гете-институти и нивните партнери за да ги истражуваат локалните политики и потреби, развивајќи идеи и практики што придонесуваат за социо-еколошка иднина.

Сознанијата од овие соработки се документираат во фонд на алатки кој постојано се дополнува, а служи како архива на знаење и практичен ресурс за примена и на други локации. Даниел Кунерт (ARCH+) ќе го претстави проектот, како и берлинското списание за архитектура и уметност „Арх плус“, залагајќи се за важноста на практики како што е „Градот како сцена“.

Предавањето е најава за официјалната тридневна програма на 20. „Акто“, фестивал што ќе се реализира во киното на Железничката зграда во Скопје од 3 до 5 октомври.

Во рамки на фестивалот, кој е основан во 2006 година, и е еден од фестивалите во земјава што има најдолг континуитет на одржување, ќе се случуваат повеќе изложби, проекции, разговори и предавања, работилници и музички настани…

Целата програма ќе биде концентрирана во новоотворената Лабораторија за просторно перформативни практики „Градот како сцена“, лоцирана во киното на Железничката зграда во Скопје. Дел од фестивалот ќе бидат многу домашни, но и странски гости, како Зорица Милисавлевиќ – Милојковиќ („Урбани оази“, Белград), Борис Бакал („Фрлачи на сенки“, Загреб), Давид Нил Морси и Кристин Лаз („Floating University“, Берлин), ОПА („ЗаУМ архива“), Славчо Димитров („Викенд на гордоста“, Скопје), Кристина Леловац (фестивал „Прво па женско“, Скопје), Димитар Самарџиев („Бостание“ – општествена градина, Скопје), Виолета Качакова и Филип Тасевски (фестивал на независна музика „Земјотрес“), Пијан Славеј, група СИЗ, група „Трето колено“ и други.

– Фестивалот „Акто“ од позиција на вонинституционален сектор, 20 години по ред создава простор за колективност и критичност, локална и интернационална соработка и место за споделување и дијалог. Осмислувањето на 20-тото, јубилејно издание на фестивалот извади на површина една исклучително важна тема во локалниот контекст, а тоа се најразновидните предизвици, пречки, недоумици и двосмислености, но и предности во создавањето на една програма. Оттука произлезе и темата на годинашното издание – како се прави? односно како настаните од културата се конципираат и се продуцираат, како се создаваат фестивалите, изложбите, перформансите во земјава, односно како се граделе и како се трансформирале фестивалските изданија и формати на „Акто“, но и како се менувал и како се градел поширокиот вонинституционален контекст и неговата неминовна всаденост во општествено-политичките околности – велат од организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“, која стои зад организацијата на фестивалот „Акто“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот