ЈСП повторно со апел до Владата: Не е време за политички игри, треба да се реагира

јсп автобус
Автобус на ЈСП /фото: Архива на Слободен печат

ЈСП „Скопје“ денеска повторно ја повика Владата да донесе одлука за субвенционирање на работењето на претпријатието со оглед на зголемените цени на енергенсите во државата.

ЈСП „Скопје“е јавен сервис на сите граѓани на Скопје, ги опслужува сите и сега не е момент да се играат политички игри, туку е момент да се реагира. Оваа криза бара вклучување на сите чинители во нејзино разрешување. Со оглед на тоа што е прогласена кризна состојба поради состојбата во енергетиката на располагање се многу механизми како може да се помогне на ЈСП, oдносно на граѓаните – велат од претпријатието.

Според нив, врз основа основа на член 9-а став 6 од Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, Владата може да донесе одлука за отстапување на нафтени деривати без надомест на Град Скопје, како што било случај во 2020 година, кога гориво Еуродизел БС било отстапено за потребите на ЈСП.

Врз основа на досегашната практика за намалување на ценовниот шок, ова може да се примени и во случајов кога имаме драстично покачување не само на цената на електричната енергија, туку и на цените на метанот – тврдат од ЈСП.

Раководството на претпријатието вчера побара да се иницираат измени во Законот за енергетика за да може на Регулаторна комисија да и се даде можност за одредено регулирање на цената на метанот во кризни ситуации.

Во меѓувреме реагираа и од Регулаторна комисија за енергетика од каде барањето на ЈСП за замрзнување на цената на метанот го оценија како легитимно, но беспредметно и спротивно на закон. Согласно Законот за енергетика, кој што е одобрен од енергетската заедница РКЕ не смее да издава лиценци за трговија со метан со оглед на фактот дека пазарот на природен гас во земјава е целосно либерализиран започнувајќи од 01.01.2015 година.

Регулаторната комисија за енергетика единствено ги утврдува тарифите за пренос и дистрибуција на природен гас, ние не издаваме лиценци за трговија со ЦНГ (метан), затоа што пазарот на природен гас е либерализиран веќе 7 години. А одлука за замрзнување на цени носи Владата – изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Природниот гас кој се транспортира во посебни боци, при што истиот е во компримирана состојба, ЦНГ или често викан „метан“ може слободно да се тргува без лиценца. Набавката и продажбата на компримираниот природен гас може да го врши секое правно и физичко лице за свои потреби. Цената на овој енергенс не е регулирана и истата слободно се формира од страна на трговците со ЦНГ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот