ВИДЕО | Јосифовски: Угостителите се претворени во камелеони, прилагодувајќи се на новите мерки

Угостителската индустрија можеби ќе треба да ја преименуваме во камелеон индустрија затоа што секојдневно очекуваме некоја нова мерка кон која треба да се прилагодиме ние но и гостите. Откако е започната пандемијата ние сме постојано соочени со турбуленции. Приморани сме да се прилагодиме и со сервисот на давање услуги но и со финансиската обврска, задржување на вработените и организација на набавките, вели за Слободен печат претседателот на Угостителската комора, Здравко Јосифовски.

Според него затворањето на угостителските објекти требало да се случи многу порано, за како што смета тој, досега веќе да биде ставен под контрола вирусот, а пролетва да можат граѓаните слободно да се дружат на пијалок или ручек.

-Пролетните и летните месеци е изразена желбата за дружење и социјализација, ако порано се затвореа објектите мислам дека веќе ќе го имавме надминато вирусот. Сметам дека мерката е задоцнета, но ја поддржуваме во целост, за разлика од претходно кога имавме забелешки. Дури, и ние препорачуваме мерката да не заврши за две недели, туку да потрае за еден или два месеца затоа што и во интерес на угостителите е да се најде трајно решение за намалување на бројот на заболени од ковид-19, а во меѓувреме Комисијата за заразни болести да изработи соодветни протоколи за целокупната индустрија, така што кога ќе заврши оваа мерка да ни ги отворат сите дејности и сектори во угостителството со цел да можеме да функционираме согласно протоколите и правилниците кои ќе бидат во тој момент на сила, вели Јосифовски.

Што се однесува на шалтерското работење, претседателот на НУК вели дека е надминат проблемот околу тоа кој се може да работи шалтерски.

-Претходно им беше дозволено да вршат достава само на угостителските објекти кои се занаимаваат со служење на храна. Овојпат таа неправда е поправена и без разлика дали станува збор за слаткарница, кафетерија или ресторан, дозволено е да работатат по принципот на take away, односно шалтерски. Но, за заблуда се сите кои мислат дека на таков начин може да се генерира профит.

Во угостителската дејност има околу 6.500 регистрирани објекти, но прашање е дали сите ќе успеат да ја надминат кризата. Јосифовски вели дека сите напори да се задржат вработените паднале во вода, бидејќи веќе угостителите немаат ниту од каде да се задолжат за да исплатат плати и придонеси.

-Премногу сме задолжени, но тоа е дури и срамно да го зборување во ситуација кога секојдневно умираат луѓе од Ковид-19. Не постои ниту една гаранција дека мерката што е донесена точно ќе трае две недели, и затоа очекуваме дека ќе има одјава на вработени од угостителската дејност многу повеќе од претходните пати. Редовно вработени досега беа помеѓу 30.000 и 35.000 луѓе, се смета дека таа бројка е падната на околу 25.000 вработени. Жалам за сите што ќе останат без работа, но многу потешко е да останат на работа а да не добијат плата, смета Јосифовски.

Министерот за економија Крешник Бектеши ги повика угостители да не избрзуваат со отпуштање на вработените бидејќи се подготвуваат мерки за финансиска помош.

-Ја поздравувам брзата реакција на Владата и на министерот Бектеши за брзата реакција и за најавениот грант за угостителите, но сепак сметам дека на состанок требаше да има претставник и од угостителската комора. Останува да видиме за какви мерки се работи и дали истите ќе бидат применливи за сите угостители или ќе бидат селективни. Добро е што Владата реагира брзо, но залудно ќе биде ако одлуката не може да ја спроведе во наредниот месец. Нам не ни требаат мерки кои ќе бидат ветени, па потоа ќе се бараат изговори зошто не може да се реализираат, туку применливи мерки кои ќе може да стартуваат уште пред да се донесат одлуки и да се направат конфликти, како во оваа ситуација, смета Јосифовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот