ВИДЕО| Јаневски: Треба вложувања за да не заостануваме зад регионалните зимски центри

Приходите од туризмот се зголемуваат и годинава се очекуваат околу 530 милиони евра, што е 20 до 25 проценти повеќе од минатата година. Сепак, како што вели директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски, развојот на туризмот не е соодветно следен со финансирањето на државата, како од централниот буџет, така и на ниво на општините.

Тој вели дека за зимската сезона веќе има склучено договори со странски туроператори за зимување во Маврово. Особено за другите зимски туристички капацитети, нагласува Јаневски, недостигаат капацитети и инфраструктурни решенија.

– Вложувањата во дестинациите што се наши зимски центри, а кои претежно се во националните паркови и во заштитените подрачја, треба да бидат под посебен режим, но и во континуитет. За жал, во последните децении, една, две или три, немаме вложувања во нашите зимски центри, па тие, и покрај природните ресурси што ги имаат, заостануваат зад регионалните и европските зимски центри – вели Јаневски.

 

Тој објаснува дека Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, покрај промоцијата во странство е ориентирана и кон домашните туристи.

– Ако ги споредиме резултатите 2018 – 2023 година, тие се во континуиран пораст, односно сè повеќе домашни туристи ги користат нашите туристички капацитети и дестинации во текот на целата година. Па токму и нашите зимски центри, би кажал, за мене се дестинации за четири сезони – вели Јаневски.

Тој објасни дека АППТ прави стратегиски планови, а сега се прават за крајот на 2024 година и за 2025 година бидејќи рефлексијата во туризмот е една или две години однапред.

– Ако го споредиме буџетот од 2018 година, можеме да кажеме дека Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот има континуирано намалување на буџетот, но максимална негова реализација. Но, со намалувањето на буџетот се намалува и нашата присутност на регионалните или на светските пазари, намалување на дигитализација и на сè она што е скратено во последните три до четири години, а тоа ќе доведе до намалување на растот во туристичката индустрија. Ако знаеме дека во 2011 година учеството на туристичкото сектор во БДП било 0,4 проценти, во 2018 – 1,9 проценти, а во 2022 година – 3,6 проценти, тогаш може да кажеме дека фокусот на Министерството за финансии треба да биде насочен повеќе кон овој сектор – вели Јаневски.

Тој потенцира дека ова е голем сектор и по број вработени, вработува околу 35.000 вработени. Но, прашањето што се наметнува е како и понатаму да се обезбеди квалитетен кадар за овој сектор, со оглед на тоа што нашите работници масовно заминуваат, особено на сезонска работа во одморалиштата на море.

– Не е крајно решение ако ние увеземе работна сила. Треба да одговориме на неколку прашања. Во каква состојба ќе биде, колку ќе биде квалификувана, како ќе се интегрира и социјализира во нашето општество. Дополнително, и да ја увеземе треба да прецизираме во кои сектори, и каква ќе биде нашата стратегија со фокусирање на средните стручни училишта, процес што е долготраен. Треба сè повеќе да ги убедуваме младите луѓе дека и со средните стручни училишта можат во иднина да го креираат својот кариерен развој. Еден професионален келнер во Македонија веќе може да земе добра плата – вели Јаневски.

Во однос на наредната лета сезона, Јаневски се пожали дека поради скромниот буџет што го имала Агенцијата, за жал, како туристичка дестинација не сме биле присутни на ниту една саемска манифестација од светски ранг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот