Јакимовски: ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Левица стануваат јавна коалиција, ГРОМ останува единствена трета опција

Стевчо Јакимовски Прес/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Од тајна коалиција, ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ЗНАМ стануваат јавна коалиција и ова јасно покажува дека тие веќе ги имаат усогласено ставовите во врска со промена на Уставот и во врска со внесот на Бугарите во Уставот на Република Македонија, а веројатно се имаат и договорено за промена на Уставот и избор на претседател во Собранието, онака како што бараат албанските партии во Република Македонија, реагира претседателскиот кандидат на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера повика на обединување и национално единство

Јакимовски вели дека ова јасно покажува дека Левица и ЗНАМ стануваат дел од ВМРО-ДПМНЕ, а неговата партија останува единствена трета опција и независна сила.

-Очигледно е дека за овие промени коишто тие сакаат да ги направат во Уставот граѓаните јасно се изјаснуваат дека нивниот одговор е НЕ, но ова повеќе од јасно укажува дека се создава уште една група којашто сака спротивно на интересите и мислењето на граѓаните и јавното мнение кое кажува НЕ, тие да кажат ДА за уставните промени и јасно е дека ги имаат усогласено овие нивни чудни ставови. Но навистина е крајно нечесно да се трудите да ги изиграте македонските граѓани, да го изиграте македонскиот народ, цело време да глумите патриотизам, да глумите уставобранители, цело време да глумите дека сте загрижени за граѓаните и дека вие сте тие што ќе ги ограничите ДУИ во нивниот поход кон освојување на комплетната власт на Република Македонија, а всушност се подготвувате и се групирате да го извршите најголемото предавство во историјата на македонскиот народ.

Претседателот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа од Охрид испрати порака со повик за обединување и национално единство, содржана во кратенката ДПМНЕ не само како што рече заради историскиот континуитет како идеја и организација нераскинлив дел од македонското национално движење и национален идентитет, туку истовремено и како обврска да се случи македонско единство во мигови, како што рече, кога и е најпотребно на Македонија. Во таа насока, тој најави мораториум во нападите кон партијата Левица и движењето ЗНАМ.

-Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ, но и како моја обврска да се обидам да ја реализирам идејата за национално единство во миговите кога таа и е најпотребна на Македонија. Со Левица и ЗНАМ имаме разлики од идеолошка, но и од принципиелна природа, но ценам дека во моментов најклучно за иднината на земјата е да се фокусираме на оние кои ја киднапираа од рацете на граѓаните. Разидувањата сигурно ќе продолжат, но мораме да наоѓаме заеднички јазик … Македонија мора да се обединува по сите основи, рече тој.

Тој ги повика на обединување и членовите на СДСМ, независно дилемите и стравувањата, да бидат дел од генерацијата што, како што рече, ќе биде горда затоа што успеала да ги запре поделбите по партиска основа и ги мобилизирала сите капацитети и потенцијали во функција на развој на државата.

-Ви ветувам можете да се потпрете на нас. Гледате каква е ситуацијата и што се случува. Знам дека и вие се срамите од ова што се случува. Има и многу од вас дури и чесни функционери кои ми пристапуваат, и секогаш кај мене ќе имате отворена врата. Ќе чекориме заедно напред, јас ви го ветувам тоа, рече тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот