
Јахоски од „Пуцко петрол“ нуди гаранција за да излезе од Шутка и да се брани од слобода
Сопственикот на „Пуцко петрол“ Асмир Јахоски, син на пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски нуди гаранција во движен и недвижен имот за да излезе од притвор во Шутка и да се брани од слобода како осомничен во истрагата за набавка на нафтени деривати, потврдија од Кривичниот суд за „Слободен печат“.
Препорачано
-Барањето е испратено на мислење во надлежното обвинителство, односно во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, по што ќе одлучува Кривичниот совет, за што јавноста ќе биде благовремено известена – велат од Судот.
Колкава гаранција понудил Јахоски официјално не се открива, со оглед на тоа што сè уште не е донесена одлука дали ќе се прифати гаранцијата.
Во истрагата што ја отвори Обвинителството, сопственикот на „РКМ“ Ратко Капушевски заврши во Шутка, а тој и неговата фирма две години увезувале мазут за ТЕЦ Неготино, иако не ги исполнувале условите од јавниот повик, поднеле невистинита документација и го оштетиле буџетот за речиси 170 милиони евра.
Капушевски и неговата фирма се сомничат за злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство и перење пари, додека Јахоски се сомничи само за перење пари.
Според соопштението од Обвинителството, Капушевски се сомничи дека неговата фирма две години увезувала мазут за ТЕЦ Неготино, иако не ги исполнувале условите од јавниот повик, поднеле невистинита документација и го оштетиле буџетот за речиси 170 милиони евра.
Според Обвинителството, имало фиктивен договор меѓу двете фирми за извлекување пари, а во два наврата како позајмица, сопственик на својата фирма си префрлил 1,2 милиони евра (720 милиони денари), за што Обвинителството смета дека постојат сомнежи за перење пари.
Обвинителството бараше притвор за петмина осомничени, меѓу кои и за поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство и е обвинет и во предметот „Адитив“. Притвор беше одреден за Капушевски, потоа за Ерџан Сулкоски, порано вработен во „Пуцко петрол“, а сега бизнис-партнер на Капушевски, како и за поранешниот директор во ЕСМ, Ардијан Муча. Јахоски доби домашен притвор, но по жалба на Обвинителство и тој заврши во Шутка.