
Јахоски нуди милион евра гаранција, Обвинителството му бара уште милион за да излезе од Шутка
Сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, осомничен во истрагата за злоупотреби со мазутот, нуди милион евра во недвижен имот за да излезе од Шутка и да се брани од слобода, а Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција му бара уште 1, 15 милиони евра за да го пушти.
Препорачано
Јавниот обвинител го доставил мислењето до Кривичниот суд, а освен пари Обвинителството бара да му бидат одредени и мерки за претпазливост. Сумата што ја бара обвинителството е еднаква на сумата за која тој се товари дека злоупотребил.
-Во мислењето, јавниот обвинител истакна дека предлогот на осомничениот за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција во недвижен имот со проценета вредност од 60 672 235 денари, може да биде основан само ако осомничениот, во исто време, на посебна сметка на судот, дополнително да депонира и износ од 72 000 000 денари. Во конкретниот предмет, според доказите со кои располага обвинителството, износот од 72 000 000 денари одговара на вкупниот износ на противправно стекнатата имотна корист за овој осомничен од кој во понатамошна постапка би можело да се наплати евентуалното отштетно побарување од него – соопштија од Обвинителството.
Обвинителот бара да му биде изречена забрана за напуштање на живеалиште односно престојувалиште, обврска повремено да се јавува на определено службено лице или надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државна граница односно забрана за нејзино издавање.
Притоа, обвинителот ги имаше предвид и списите во предметот, како и фактот дека обвинителството во меѓувреме обезбеди поголем дел од материјалните и вербалните докази, со што значително е намален ризикот дека тој би можел да ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание на сведоци. Согласно даденото мислење, само со определување на сите погоре наведени мерки обвинителството ќе смета дека се исполнети условите за укинување на претходно изречената мерка притвор.
Во истрагата за мазутот што ја отвори Обвинителството, сопственикот на „РКМ“ Ратко Капушевски заврши во Шутка, а тој и неговата фирма две години увезувале мазут за ТЕЦ Неготино, иако не ги исполнувале условите од јавниот повик, поднеле невистинита документација и го оштетиле буџетот за речиси 170 милиони евра.
Капушевски и неговата фирма се сомничат за злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство и перење пари, додека Јахоски се сомничи само за перење пари.
Според соопштението од Обвинителството, Капушевски се сомничи дека неговата фирма две години увезувала мазут за ТЕЦ Неготино, иако не ги исполнувале условите од јавниот повик, поднеле невистинита документација и го оштетиле буџетот за речиси 170 милиони евра.
Според Обвинителството, имало фиктивен договор меѓу двете фирми за извлекување пари, а во два наврата како позајмица, сопственик на својата фирма си префрлил 1,2 милиони евра (720 милиони денари), за што Обвинителството смета дека постојат сомнежи за перење пари.
Во истрагата осомничени се и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство и е обвинет и во предметот „Адитив“. Притвор беше одреден за Капушевски, потоа за Ерџан Сулкоски, порано вработен во „Пуцко петрол“, а сега бизнис-партнер на Капушевски, како и за поранешниот директор во ЕСМ, Ардијан Муча. Јахоски доби домашен притвор, но по жалба на Обвинителство и тој заврши во Шутка.
Од Обвинителството објаснуваат дека за кривичното дело „перење пари“ за кое се гони Јахоски притворот може да биде продолжен само за уште 30 дена и потоа по слово на законот треба да биде пуштен да се брани од слобода.