
Јадењето на оваа супернамирница го намалува ризикот од деменција
Деменцијата е прогресивен синдром кој погодува милиони луѓе, предизвикувајќи постепено губење на когнитивните способности, проблеми со меморијата и промени во однесувањето.
Препорачано
Иако генетиката може да игра значајна улога во развојот на болеста, научниците веруваат дека речиси 45 отсто од случаите на деменција можат да се спречат со одредени промени во начинот на живот. Меѓу најважните препораки се откажување од пушење, намалување на внесот на алкохол и регулирање на крвниот притисок. Исхраната исто така игра клучна улога, а експертите препорачуваат избалансирано мени или медитерански начин на исхрана.
Истражувањето објавено во магазинот „Журнал оф нутришн“ (Journal of Nutrition) покажало дека јајцата се поврзани со помал ризик од развој на Алцхајмерова болест. Авторите на студијата истакнуваат дека јајцата се богати со хранливи материи важни за здравјето на мозокот, вклучувајќи холин, омега-3 масни киселини и лутеин.
Во студијата, американските научници ги анализирале навиките во исхраната на повеќе од илјада постари лица со помош на прашалници за зачестеноста на консумирање на хранаѕа. Во период од околу шест години, Алцхајмеровата болест била дијагностицирана кај 280 испитаници. Било заклучено дека луѓето кои јаделе повеќе од едно јајце неделно имале помал ризик од развој на деменција.
Авторите нагласиле дека зачестеното консумирање јајца може да ги подобри когнитивните функции, особено вербалните способности, иако сè уште не е сосема јасно дали внесувањето јајца директно го намалува ризикот од Алцхајмерова болест. Особено е нагласена улогата на холинот, супстанција присутна во јајцата, и неговата поврзаност со намалувањето на ризикот од деменција:
„Околу 39 отсто од ефектот на консумирањето јајца на појавата на Алцхајмеровата деменција може да се припише на внесот на холин преку исхраната.“
Како заклучок, студијата сугерира дека редовното консумирање јајца може да биде поврзано со намалениот ризик од Алцхајмерова болест, делумно благодарение на дејството на холинот.
Слични резултати ги потврдила и студијата од 2022 година објавена во магазинот „Фронтиерс ин нутришн“ (Frontiers in Nutrition), која исто така го поврзала внесот на јајца со помал ризик од деменција – особено кај луѓе кои не практикуваат строго медитерански начин на исхрана.