Извршена е обдукција на жирафата Флопи, резултатите ќе покажат од што починала

Фото: ЕПА / Ѓорѓи Личовски, почина негувателот Трајковски и жирафата Флопи

Причините за смртта на Флопи, последната жирафа во скопската зоолошка градина ќе се знаат откако ќе стигнат резултатите од обдукцијата.

Обдукцијата како и секогаш ја врши Ветеринарен институт и резултатите од обдукцијата по земените мостри денеска, ги очекуваме во законски рок и веднаш ќе бидат достапни на јавноста – вели Татјана Гогоска, раководител на одделението за односи со јавност во Зоолошка градина.

На прашањето зошто досега Зоолошка градина не излезе со официјално соопштение за угинатата жирафа, барем со претпоставка за причините за нејзината смрт, Гогоска објаснува дека во текот на вчерашниот ден биле вознемирени од страшната вест за смртта на нивниот колега Ристе Трајковски.

Од Зоолошката градина предмалку на нивната официјална страница соопштија за вчерашната трагедија.

Ристе беше вреден работник, омилен меѓу животните, а неговите фотографии за поврзаноста со жирафите го обиколија светот. Нека ти е светол патот, почивај во мир колега и сочувство до семејството од целиот тим на Зоолошка градина Скопје. За трагедијата да биде уште поголема, околу 16 часот, го загубивме и нашиот Флопи – една од трите жирафи за кои се грижеше Ристе. Вработените дадоа се од себе да го спасат, но и покрај сите максимални напори, Флопи замина на небото заедно со нашиот Ристе – се вели меѓу другото во соопштението од Зоолошка градина.

Во Градината повеќе нема ниту една жирафа, кои беа вистинска атракција за посетителите.  Претходно, во мај годинава угина жирафата Каспер, а пред речиси три години, во јануари 2021 година Тобого.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот