
Извештајот на Вајц пред нов испит на зрелост за Брисел
Главната пропагандна флоскула што премиерот Мицкоски ја повторува е дека Комисијата за надворешни работи на ЕП на 24 јуни ќе потврди повеќевековен идентитет и јазик. Тоа не е точно. Нема таков текст. Прашајте го премиерот каде го видел тој текст во нацрт-извештајот, кој очигледно го има од некаде. ЕП не е академија на науките или институт за историја за да сертифицира или да признава повеќевековни идентитети и јазици. Такво нешто нема, нагласи европратеникот од ГЕРБ Андреј Ковачев
Не се очекуваат чуда оваа недела на Самитот на НАТО во Хаг, сметаат експерти, по најавите за македонско-бугарска средба на маргините на Самитот. Иницијативата за средба дојде од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, чија замисла беше да се сретнат претседателите на Македонија и на Бугарија, на која би можеле да присуствуваат и високи претставници на ЕУ, САД, како и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Идејата е да се разменат аргументи, ставови за спорните прашања и евентуални излезни решенија од ќорсокакот во односите меѓу двете земји, со што би се откочиле пречките на македонскиот евроинтегративен пат.
Препорачано
Софија објави дека на Самитот, наместо претседателот Румен Радев, ќе оди бугарскиот премиер Росен Жељазков, но тоа не беше проблем за македонската страна шефицата на државата Гордана Сиљановска-Давкова да се согласи на средба. Засега, таква средба не е закажана.
Македонскиот јазик – многувековен или сегашен?
Последниот развој во македонско-бугарските односи пред денешното гласање во Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) во Европскиот парламент (ЕП) за Извештајот за Македонија е обележан со изјавите од двете страни што не покажуваат отстапување од ставовите. Извештајот на известувачот Томас Вајц еднаш беше одложен поради притисоци од бугарските европратеници. Главниот спор е формулацијата „многувековен македонски идентитет“ и недвосмисленото признавање на македонскиот јазик. Бугарија инсистира на употребата на термини како „сегашен македонски јазик“ – обид што се гледа како обезличување на македонскиот идентитет.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека нема отстапување од познатите ставови на македонската страна. Тој добил многу вознемирувачки информации за силна активност на одредени политичари во Брисел, но заедно со министерот за надворешни работи „успеале да го амортизираат ударот што некој сакал да го нанесе врз македонскиот идентитет и јазик“.
Бугарските европратеници побараа случајот со Љупчо Георгиевски, претседател на поранешниот клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола, да биде вклучен во извештајот на ЕП за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ. Георгиевски доби првостепена условна казна поради предизвикување национална, расна и верска омраза. Овој случај Софија го интерпретира како пример за „антибугарска политика“.
Во Извештајот, Вајц потсетува на потребата од одржување на моментумот и кредибилитетот на процесот на европска интеграција.
„Европскиот парламент повикува на брз напредок во преговорите за пристапување, истовремено истакнувајќи ја важноста на усвојувањето на уставните амандмани; ги охрабрува сите политички партии во Северна Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус за овие амандмани, што би го зајакнало мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзало нејзиниот напредок кон членство во ЕУ“, пишува во Предлог-извештајот на Вајц.
Бугарскиот претседател Радев и премиерот Жељазков изјавуваа дека Бугарија не поставува нови услови, туку бара почитување на веќе договореното. Но токму тие договори, како што е Протоколот од 2022 година, содржат спорни точки што Македонија ги смета за недозволиви во однос на сопствениот национален идентитет.
Радев изјави дека во спорот не станува збор за нерешени билатерални прашања, за наметнување вето или за запирање на процесот на интеграција, туку за внатрешни предизвици кои се поврзани со човековите права во Република Северна Македонија.
Премиерот Мицкоски возврати дека тоа што го зборуваат претставниците на Бугарија ќе имаат можност да го докажат на 24 јуни со повлекување на амандманите во ЕП и да ја прифатат иницијативата за средба во рамките на состанокот на НАТО во Хаг.
Дел од бугарските европратеници бараат Извештајот воопшто да не се презентира
Мицкоски се обиде да ги искористи и известувачот и ЕП за свои цели, а тоа не е добро прифатено во Брисел. Со тоа тој му штети на пристапувањето на Република Северна Македонија кон ЕУ, тврдат бугарски европратеници.
Европратеници од четири различни политички групи на бугарска телевизија го коментираа, како што го нарекоа, скандалот со протекувањето работни информации од Извештајот за Скопје. Според пратениците, протекувањето на информациите беше причината на 4 јуни 2025 година извештајот да биде повлечен и да не се разгледува на закажаната седница на Комисијата за надворешни работи. Тогаш сите 17 бугарски европратеници се обединија во заедничка позиција и побараа истрага од ЕП за неовластеното и предвремено протекување клучни елементи од извештајот и предложените амандмани. Како пример беше наведена изјавата на премиерот на РСМ Христијан Мицкоски на 1 јуни, во која тој тврди дека однапред бил запознаен со извештајот, делови од кој дури си дозволил и однапред да ги коментира.
На пример, според, нив, Мицкоски си дозволил да коментира дека во конечната верзија на извештајот нема да бидат прифатени одредени бугарски предлози, како на пример при спомнување на „македонскиот јазик и идентитет“ да се вклучи зборот „сегашен“. И дека со месеци наназад Владата во Скопје работела со известувачот.
Нацрт-извештајот за Република Северна Македонија не спомнува повеќевековен идентитет и јазик на државата, е тезата околу која се согласија европратениците Андреј Ковачев, Никола Минчев, Кристијан Вигенин и Ивајло Влчев.
Бугарскиот европратеник од ГЕРБ, член на Претседателството на ЕП, Андреј Ковачев, беше категоричен:
– Главната пропагандна флоскула што премиерот на РСМ Христијан Мицкоски ја повторува секој ден во последните 10 дена е дека Комисијата за надворешни работи на ЕП на 24 јуни ќе потврди повеќевековен идентитет и јазик. Тоа не е точно. Нема таков текст. Им се обраќам и на медиумите во РСМ – ве молам, прашајте го премиерот каде го видел тој текст во нацрт-извештајот, кој очигледно го има од некаде. Таков текст не постои во нацртот на Извештајот. Европскиот парламент не е академија на науките или институт за историја за да сертифицира или признава повеќевековни идентитети и јазици. Такво нешто нема – нагласи европратеникот од ГЕРБ.
Седницата на Комитетот за надворешни работи, според дневната агенда, објавена на веб-страницата на ЕП, треба да почне во 9 часот, а Извештајот на Томас Вајц за земјава е прва точка за разгледување и гласање. Бугарски европратеници имаат поднесено амандмани, а дел од нив бараат и воопшто да не се презентира.