
Изведба на танцовата претстава „Ајде!“ ќе се одржи на фестивалот „Скопско лето“
Танцовата претстава „Ајде!“ ќе биде изведена на 8 јули, со почеток во 20:30 часот, на сцената во Театар Комедија во рамки на 46. издание на фестивалот „Скопско лето“.
Препорачано
Кореографијата на претставата е на Игор Киров и Бојан Мицев, драматург е Ана Ристоска Трпеноска, а светло мајстор е Милчо Александров. Во претставата играат танчерите Јована Зајкова, Лука Ѓорѓиевски, Илијана Данилов, Нина Петрушевска, Андреј Димоски, Бојана Арсовска.
Танцовата претстава „Ајде!“ нè води низ богатата музичка култура на ромската заедница. На најзначајниот ден во годината, Едерлези или Ѓурѓовден – денот на радоста, кога се слави будењето на природата, почетокот на новиот живот, пријателството и заедништвото, се раѓа една нова љубов.
„Ајде!“ преку препознатлив ритам и музика, со танц, раскажува за неостварена љубов во доминантно патријархална средина и ја оживува ромската музика и фолклор на сцената. Претставата има за цел да ја подигне свеста за вредноста на животот, личната слобода и општествените норми во современиот контекст.
Фотографиите се на Ања Калин, видеоматеријалите се на Мартин Михајлов / „Марсбен Продукција“, а претставата се реализира во продукција на „Motion Network“ – Штип, со копродукција на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип и во соработка со ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, известија од Дирекцијата за култура и уметност – Скопје.