Израелскиот претседател вели дека жителите на Газа се вкоренети во мрежата на теророт

Исак Херцог / Фото EPA-EFE/GIAN EHRENZELLER

Израелскиот претседател Исак Херцог изјави денеска дека жителите на Газа се вкоренети во мрежата на теророт и додаде дека постои „царство на злото“ кое потекнува од Техеран и со кое треба да се соочи силна коалиција.

Херцог на состанокот во Давос рече и дека милијарди долари се трошат за дестабилизација на светот и дека Иран ги финансира своите сојузници во целиот регион, за да го поткопа секој мировен процес.

Тој рече дека израелското општество било потресено од нападите на Хамас на 7 октомври и дека се извршени злосторства против Израелците, вклучувајќи силувања, обезглавувања и палење на цели семејства.

Херцог го спомна момчето Кфир Бибас, кое денеска полни една година во заробеништво на Хамас, откако тој, неговиот четиригодишен брат и родителите беа киднапирани и одведени како заложници во Газа.

Претседателот на Израел ги повика присутните во Давос и „целиот универзум“ да работат неуморно за ослободување на сите заложници. Најстариот заложник има 85 години, додаде Херцог.

Тој исто така рече дека сака подобра иднина за Палестинците, нарекувајќи ги „наши соседи“.

За израелските граѓани тој рече дека сега не можат да размислуваат за мировен договор, бидејќи секој прво сака да знае дали може да му се обезбеди безбедност.

„Секој Израелец сака да знае дека нема да биде нападнат од север, југ или исток“, додаде Херцог и потсети дека со години повикува на мир со соседите на Израел, но тој терор не може да се прифати и мора целосно да се запре.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот