Изложбата ќе биде отворена на 4 јули во македонскиот КИЦ во Белград

Изложбата „Регенерација“ на три современи ликовни авторки ќе биде претставена во македонскиот КИЦ во Белград

Ликовната изложба „Регенерација“ на авторките Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска ќе биде отворена на 4 јули 2025 година, во 19 часот, во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Белград, Србија. Љубителите на уметноста ќе можат да ја посетат до 9 јули.

Преку своите дела трите авторки се осврнуваат на периодот полн со промени во начинот на живеење предизвикани од пандемијата ковид-19, кој неизбежно се рефлектираше во нивните дела. Тие ја преиспитуваат релацијата на видливиот свет со невидливите опасности. Се однесува на сопствената трансформација, како и на емоциите и чувствата поттикнати од промените на животниот тек предизвикани од пандемијата и новите наметнати стандарди во секојдневното живеење, и воедно, го преиспитува сопствениот обновувачки процес (регенерација) од настанатата ситуација.

– Делата на Ана Ивановска се засноваат врз истражување на тема глобалната пандемија како и реакција на моменталните тенденции и глобални случувања во светот, кои несомнено оставаат траг врз секојдневието на луѓето. Фокусот е ставен на сопствената внатрешна трансформација, разните ментални состојби, ситуации и чувствата. Тие претставуваат визуелна манифестација на стравот, безизлезната ситуација и ограничената слобода како бариера во општењето со светот.

„Одбројување“ на Ана Ивановска

Настанати се преку процесот на експериментирање и комбинација на фотографија, принт и други материјали (жилети, ќибрити, плексиглас, колаж). И покрај тоа, низ делата провејува нишка на оптимизам, бидејќи периодот на изолација, исто така, допринесе за развивање на чувството на исполнетост преку пронаоѓање на внатрешниот мир, со надеж за одново обновување и регенерација во времето кое што допрва доаѓа. Целта е да се поттикне поголема свесност за работите кои забораваме да ги забележуваме и создавање на нова перцепција за нашето опкружување. Тој порив произлегува од постојаната потрага за спознавање на сопствената природа и чувството на обединување со универзумот.

Регенерацијата како тема е тесно поврзана со генетиката на секоја постоечка единка, но голем дел од нејзините процеси зависат и од времето и условите во кои таа единка се развива… Овие влијанија делуваат на нејзиното обновување, нејзините последици и опстојување во дадената физичка форма. Христина Зафировска, преку своите дела, на апстрактен и сликовит начин го прикажува реалното и невидливото со голо око, поттикната од промените на животниот тек, настанати од пандемијата.

„Регенерација“ на Христина Зафировска

Серијалот го интерпретира биолошкиот процес од една страна, кружниот строеж на вирусот, неговото создавање, виреење, проширување и пренесување, а од друга страна, преку визуелно прикажаниот регенеративен процес, делата ја претставуваат „последицата“ и процесот на физичко и ментално обновување настанато поради периодот на принудната изолација. Во делата комбинира повеќе начини на изразност – објекти со поп-артистички колористички изведби, текстуална игра на зборови, плошни плакатски решенија, каде што дводимензионалноста на геометриските форми и поединечните секвенци стануваат целини, а со тоа самите форми стануваат своевидни објекти во просторот.

Маја Кировска претставува воздушести човечки фигури изработени од лесен природен материјал (скелети од листови од дрво), кои навидум лебдат во слободниот простор. Овие фигури наликуваат на костими кои ја следат анатомската форма на телото, а немаат екстремитети и глави слично на остатоците од пронајдените антички скулптури.

Скелетите од листовите всушност го претставуваат циркулаторниот ситем на листот од дрво, тоа е оној систем кој ги снабдува со вода и ги одржува во живот. Тоа на еден симболичен начин се врзува за темата на изложбата „Регенерација“. Овие човечки фигури со својата транспарентност истовремено наликуваат на кожа која змијата ја отфрла откако ќе и стане тесна.

„Кожа“ на Маја Кировска

Формата на човекот е присутна како остаток, како сведоштво за некоја негова преходна состојба, а тој не изчезнал туку пораснал, се трансформирал, ги пребродил предизвиците. Како паралела, на ѕидот се поставени слики во повеќе нијанси на црвена боја која потсетува на крв. Крвта е таа која го снабдува човекот со сите потребни материи и го одржува во живот, слично како водата преку системот за циркулација на растенијата – истакнуваат авторките Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот